„Виолин фест“ - вечер на славење на виолината

„Прекрасна идеја која несомнено треба да прерасне во традиционална!“ Ова се зборовите на стручната музичка публика за фестивалот „Виолин фест“, кој годинава го доживеа своето четврто патешествие. И ова издание се одржа во два града, во Скопје и во Охрид, и овој пат на неговиот подиум стапнаа мошне талентирани ученици и студенти по виолина чија кариера на импресивни виолинисти со сигурност е зацртана во нивната идна биографија, ако се земе во предвид сето она што го покажаа пред присутните.

 

Во неделата вечерта „Виолин фест“ стартуваше во главниот град, во Музејот на град Скопје, кога настапија тринаесетмлади музички уметници од музичките училишта од Скопје, Битола, Штип, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, како и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. И тоа беше вечер на славење на виолината, вечер во која владееше тој необичен и волшебен звук со сета своја виртуозност која ја носи со себе. Младите виолинисти создадоа шаренило од звучни бои презентирајќи разновидна програма и пренесувајќи ја својата емоција така како што тие најдобро умеат.

 

Она што остави најсилен впечаток од неделната концертна вечер, е умешноста која што ја презентираа тие млади креативни луѓе, сигурноста со која што настапија на сцената покажувајќи ја уште сега, и на млада возраст, сопствената уметничка индивидуалност, силниот порив за музицирање, полната и полетна младешка енергија која се преточуваше низ творбите кои што ги изведоа, различните пристапи на свирење на виолина и гледање на творештвото за овој инструмент. Овој фестивал всушност, го потврдува фактот дека во Македонија има огромен потенцијал на музички уметници кои ја избрале виолината како главен инструмент, а со тоа и одлични педагози кои стојат зад нив. Затоа е важно постоењето и континуитетот на „Виолин фест“, меѓудругото и за да се согледа јасно идниот професионален ангажман во сферата на класичната музика, односно да овозможи активно следење на развојот на виолиниската практика кај нас. Наедно, се разбира, и за да им пружи можност, на некои од учениците, и прво професионално претставување на концертна сцена пред разновиден аудиториум.

 

Со дела од Данкла, Крајслер, Крол, Бах, Брамс,Ваксман, Барток, Пјацола, Равел..., во Скопје настапија: Ева Димитрова, Габриел Наумовски, Леонардо Димоски, Михаела Лазарева, Тамара Охомуш, Наоми Георгиевска, Даниел Мојсоски, Ана Спасовска, Мирјана Домазетова, Марио Робе, Ѓорѓина Поповска, Тони Арслан и Љубица Делева. И, иако кај некои од помладите виолинисти на почетокот се чувствуваше очекуваната мала трема, таа исчезнуваше во текот на концертот. Некои, виртуозноста ја ставија во преден план, некои атрактивноста која и самото дело ја нудеше, некои се фокусираа на техничките можности, некои на музичката експресија. Но, сите ја покажаа својата професионалност и беа сосема посветени на огромниот предизвик кој што го имаа пред себе. Посебна заслуга за нивните заокружени настапи имаа пијанистите Марија Вршкова,Даниел Чуркоски и Мери Кафкалевска - Стоилкова.

 

И оваа година организатор беше виолинистот и концерт-мајстор на Македонската филхармонија Владимир Костов, во соработка со Музичката младина на Македонија, кој повторно на едно место ги обедини младите виолинисти од цела Македонија,со една и единствена цел - да се видат и доживеат успесите и достигнувањата, талентот и квалитетот на идните музичи надежи во земјава, но и да се сублимира работата на нивните педагози.

 

Тина Иванова

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: