Убави впечатоци за концертот на Македонската филхармонија во Сараево

„Прекрасен концерт“, „Ви благодариме што дојдовте“, „Ве чекаме повторно со нетрпение“..., беа дел од реакциите на сараевската публика која присуствуваше на Симфонискиот концерт на Македонската филхармонија. На 29 мај, под палката на маестро Борјан Цанев, оркестарот настапи во главниот град на БиХ, во салата на Народно позориште, како дел од свеченоста по повод доделувањето на меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“ на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

На црвениот тепих на свечената вечер во прекрасниот театар кој за две години ќе одбележи 100 години од постоењето, прошетаа околу 400 поканети лица, претставници на дипломатскиот кор, академици, културни дејци и љубители на класичната музика, кои имаа можност да уживаат во концертот на Македонската филхармонија. Оркестарот, со кого како солист настапи младиот истакнат виолинист Бојан Илковски, настапи со пригодна и свечена програма, онака како што всушност и од страна на организаторите на престижната и традиционална награда, се одвиваше целиот настан кој се пренесуваше и во живо на Радио-телевизија Босна и Херцеговина.

Свеченоста ја почна првенецот на драмата на Народно позориште, познатиот актер Изудин Бајровиќ, читајќи инспиративни раскази, а потоа се обратија академиците кои беа дел од раководството на Комитетот за наградата: Вјекослав Герц, Љубомир Берберовиќ, Абдула Шарчевиќ и Слобдан Лога, кои го прочитаа образложението на годинашната одлука и го прогласија лауреатот, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Претседателот Иванов се заблагодари за честа што му е укажана, истакнувајќи дека во Сараево ги препознава контурите на животот исполнет со етничка, верска и јазична различност каква што имаме и ние во Македонија. Поради тоа, додаде тој, мораме да му заблагодариме на Иса-бег Исхаковиќ, еден од најголемите градители на заедничкиот културен и цивилизациски простор на Балканот.

Централен дел на настанот секако беше концертот на Македонската филхармонија кој настапи со изведба на познатите, но комплексни дела: „Распеви на тема од Јован Кукузел“ од македонскиот истакнат композитор Гоце Коларовски, „Романса бр.2“ од Лудвиг ван Бетовен, со солистот Бојан Илковски, како и атрактивната Симфонија во ге-мол бр. 40 од Волвганг Амадеус Моцарт. Под сигурната палка на маестро Борјан Цанев, кој целосно беше посветен на тоа да ја наслика музиката на начин на кој и самите композитори ја идеализирале, сараевската публика се запозна со интересното дело на Коларовски. Оркестарот успеа да ја дефинира неговата разновидност, особено во однос на звучноста, на колоритот и динамиката и да го наметне тој медитативен и питом звук низ кој провејуваат темите од познатиот средновековен црковен пејач и композитор, реформаторот на византиското нотно писмо, Јован Кукузел. „Романса бр. 2“ од Бетовен, пак, го претстави македонскиот млад и мошне талентиран виолинист Бојан Илковски како солист, кој со техничка прецизност умешно навлезе во порите на Бетовеновата романтичарска идеја, сликајќи ја во еден широк емоционален спектар од звучни бои. На крајот од свеченоста беше изведена Симфонијата бр.40 од Моцарт која Ајнштајн ќе ја нарече „фаталистичка“. Богатството на музиката на австрискиот музички гениј - неговата силна индивидуалност, спектарот од расположенија, карактеристичните премини од драмска во лирска мисла, изненадувачките динамички контрасти, танцовиот ритам..., сето тоа беше умешно тонски сплетено од оркестарот на Македонската филхармонија и маестро Цанев.

 

Гостувањето во Сараево на Македонската филхармонија секако не беше прво претставување на овој оркестар во босанската метропола, но беше уште едно возбудливо и впечатливо искуство кое ќе остане во сеќавањата.

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: