Овации за Стефан Миленковиќ и оркестарот на ФМУ

Тина Иванова

Виолината во неговите раце е топла и питка, во еден миг, а во друг е бурна и енергична и создава шаренило од тонски бои. Српскиот виолинист со светска слава Стефан Миленковиќ предизвика силни аплаузи и овации на концертот одржан во четвртокот вечерта во Скопје, по повод 67 години од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Виртуозот Миленковиќ во преполниот салон на Македонскиот народен театар настапи како солист заедно со Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност, под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар. Тој беше ѕвездата на вечерта кој ги разнежни срцата на присутните.

Она што остави убав впечаток на овој настан, покрај присуството на Миленковиќ кој своевремено го носеше епитетот „чудо од дете“, беше вкусно избраната програма која претстави познати, атрактивни дела, блиски до сечие уво или до различни профили на слушатели, а во истовреме тоа беа творби со несомнен квалитет сместени на висока позиција во класичната музичка литература. Концертот почна со увертирата од операта „Руслан и Људмила“ од Михаил Глинка, продолжи со Концертот за виолина и оркестар оп. 64 од Феликс Менделсон, а беа изведени и „Унгарски марш“ од Хектор Берлиоз и финалето од Концертот за виолина и оркестар бр. 2 „Ла Кампанела“ од Николо Паганини.

Симфонискиот оркестар на ФМУ, кој во последниве години е ангажиран во навистина крупни проекти изведувајќи капитални дела, уште еднаш покажа дека се движи во добра насока. Маестро Саша Николовски-Ѓумар мошне посветено го водеше, дури на моменти и многу амбициозно, особено во однос на дадените темпа (во увертирата „Руслан и Људмила“, на пример), но со тоа укажа дека и покрај тоа што станува збор за ансамбл составен од студенти, кон него треба да се постапува како и со секое друго професионално симфониско тело чии членови еден ден ќе се движат и по патеката составена од вистински, големи предизвици. И во брзиот и енергичан со пулсирачки ритам „Унгарски марш“ од Берлиоз, оркестарот и маестро Ѓумар му ја дадоа неопходната ефективност составена од контрастна динамика и ритмичка разновидност.

Посебно доживување беа делата во кои исклучителниот виолинист Миленковиќ настапи како солист, особено во изведбата на Концертот за виолина од Менделсон, едно од најчесто изведуваните творби за виолина на сите времиња, па оттаму и неговата препознатливост. Покрај очекуваната несомнена техничка виртуозност, виолинистот умешно го долови индивидуалниот израз на овој претставник на романтизмот, во една рамка неговата меланхолична и елегична мелодизоност, неговата нежна страна, а во друга трагичното сивило и немирниот дух кое го обзема Концертот. И тие контрасти навистина пленеа. Со овации беше испратена и неговата изведба на виртуозното дело, прочуената „Ла Кампанела“ од најголемиот мајстор на виолината Николо Паганини, со кое, како што своевремено е опишано неговото гудало, „во еден час ѓаволско, во друг ангелско“, Миленковиќ навистина инспирираше. Се разбира, беше вратен и на бис кога ја отсвире исто така технички комплексната „Опсесија“, односно првиот став од Сонатата бр. 2 од Ежен Исај.

Факултетот за музичка уметност секоја година ја краси уметничката програма по повод 24 Мај, Денот на Светите Кирил и Методиј, а оваа година македонската публика ја имаше честа да присуствува на извонреден настап на неговите студенти, и на уметникот кој беше најомилениот виолинист во рамките на поранешна Југославија и остана како еден од врвните виолинисти на неговата генерација во светот.

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: