Деликатно избрана програма со одлични солисти

Ангелина Димоска

Студентите на популарни жанрови од Факултетот за музичка уметност во придружба на ревискиот оркестар на факултетот во понеделникот на сцената на МОБ одржаа концерт на кој изведоа познати поп, рок, џез и соул теми од светски познати автори, како и неколку македонски евергрини и изворни народни песни во придружба на ревискиот оркестар на ФМУ. Концертот беше во рамки на програмата со која оваа година факултетот одбележува пет децении од формирањето.

Програмата за популарни жанрови беше иницирана во 2012 година на ФМУ и од тогаш практично популарната музика првпат почна да се изучува и на високообразовна институција во Македонија. Претпоставувам дека потребата од изучување на музика која излегува од рамките на класиката ќе биде оправадана во годините кои доаѓаат и дека како резултат на оваа стручна едукација ќе произлезат бројни пејачи, аранжери и музичари кои во иднина ќе создаваат квалитетна и издржана поп, џез, рок и соул музика. Иако музичкиот корпус од овие жанрови во Македонија е исполнет со квалитетна продукција која беше создадена и се` уште се создава од индивидулаци и бендови кои немаат професионална едукација. Иницирањето на високо образновна програма која вклучува изучување на популарни жанрови во секој случај е позитивен исчекор на Факултетот за музичка уметност кој во минатото, не така далечно, целосно ја стигматизираше секоја форма на популарен музички израз.

На концертот во Македонската опера и балет настапија неколку вокално-инструментални состави, а како солисти чувме студенти по гитара, саксофон, бас гитара, соло-пеење и удирани инструменти, од класите на професорите Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов, Андријана Јаневска, Дамјан Пејчиновски, Влатко Нушев и Нико Ѓорѓиевски, како и студенти по аранжирање од класата на проф. Кире Костов.

Програмата со која се претставија беше деликатно избрана – чувме вокална соло изведба на „Moondance“ на Ван Морисон,  „I put a spell on you“ од Нина Симон,  „Fallin“ од Алиша Кис, на џез стандардот на Кол Портер „Night and day“,  „My immortal“ на американскиот бенд „Еванесенс“, хит синглот од 1980-тите „Ain’t nobody“ на Чака Кан, рок синглот од 1960-тите  „Proud Mary“ кој го препознаваме по фантастичната вокална верзија на Тина Тарнер... Овие композиции ги чувме во изведба на вокалните солисти, студенти на ФМУ – Мартин Данчев, Елена Миленковска, Елена Петреска, Ивана Симоска, Ангела Силјановска, Теодора Трајковска и Ивана Стојановска.

Одлични настапи имаа сите – Мартин Данчев автентично и со софистицирана солистичка инвенција ја изведе „Moondance“ на Ван Морисон од 1969 година, песна за есента, омиленото годишно време на ирскиот композитор, проткаена со мек џез свинг израз, Теодора Трајковска фантастично го изведе хит синглот од 1980-тите „Ain’t nobody“ на Чака Кан...

Во рамки на програмата на овој концерт, освен овие композиции, чувме и македонски евергрини и поп песни („Остани во мене“ – Калиопи, „Сонце за три света“ – М.Јовановски-Џафер, „Кога те нема“ – Хелена Благне)  во изведба на Наде Талевска, Влатко Лозановски, Нико Ѓорѓиевски, Андријана Јаневска. Хорот на ФМУ под диригентката палка на Ивица Зориќ ја изведе композицијата „Чукни во дрво“, а во изведба на биг-бендот ги чувме „Зборувај ми за Скопје“ во аранжман на Милош Поповски, „Јовка Кумановка“ во аранжман на Кире Костов во која како солист на гитара настапи Стефан Миладинов... Го чувме и кларинетистот Игор Бакревски кој ја изведе познатата „Арија“ од Бах-Гуно, „Home Basie“ – омажот на Минтцер посветен на американскиот пијанист Каунт Бејзи во изведба на биг бендот на ФМУ, „Кумановка“ во изведба на студентите по народни инструменти од класата на Драган Даутовски...

Биг-бендот на ФМУ под диригентската палка на Кире Костов беше главен двигател на музичката содржина на овој концерт. Звучеше навистина добро и креираше константна музичка стабилност. Музичарите кои свират во овој оркестар се` уште студираат, но тоа не ги инхибира да звучат како вистински професионалци со долгогодишно искуство во продукцијата на оваа жанровски сосема поинаква музика од класичната.

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: