Браво Маестро!

Марко Коловски

Многу емоции, многу „позитивни вибрации“, озарени лица, многу радост имаше на концертот со кој беше означен крајот на 39-тите Денови на македонската музика. Причини, ако се сака можат да се најдат многу, но, главната беше таа што концертот беше во чест на 80-те години на една од најмаркантните фигури на вкупната современа македонска музичка култура, - диригентот, композиторот, општественикот, или, многу кратко и разбирливо, - на маестро Александар Џамбазов.

 

Кога рековме „многу причини за радост и добро расположение“ - мислевме и на фактот што вечерта беа доделени и примени, беа врачени традиционалните годишни награди на СОКОМ, - „Панче Пешев“ - за најуспешно годишно остварување од областа на музичкото творештво и музикологијата на доајенот, композиторот Стојан Стојков за премиерата на операта „Змејовата невеста“ и „Георги Божиков“ - за најуспешна изведба на дело од македонски композитор, на диригентката Бисера Чадловска. Мислевме и на заводливоста на презентираната програма - вкусниот одбир од опусот на маестро Џамбазов, потоа, позитивната релација на дел од композициите со секогаш присутната носталгија кај повозрасната публика за времето на седумдесеттите од минатиот век, за, според многу нешта - херојските години на нашата забавна и џез музика. Мислевме, исто така и на сосема солидните, (во одделни мигови - и повеќе од тоа!) интерпретации на песните од страна на младите солисти Наде Талеска, Игор Митровиќ, Нина Јанева, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Сашо Гигов Гиш кои се најдоа пред тешка задача: да ги оживеат песните што некогаш ги пееја Тереза Кесовија, Јосипа  Лисац, Мики Јевремовиќ, Нина Спирова, Диме Поповски… Мислевме и на членовите на Македонската филхармонија кои, потпомогнати со неколку специфични гости едноставно „уживаа во свирката“, а од таквата позитивна опуштеност може само да произлезат полетни, цврсти, сигурни интерпретации, многупати далеку над нивото на ревиските или биг-бенд оркестри кои своевремено ги изведувале композициите. Мислевме и на младиот Дино Имери и на неговата виртуизна интерпретација на пијано делницата во Седумте варијации. Мислевме и на харизматичниот диригент Саша Николовски Ѓумар, кој овој пат, тројно опиен - и од самата музика, и од пиететот кон маестро Џамбазов и од сосема случајниот но битен факт дека оваа радост се совпаѓа со неговиот педесетти роденден, значи, мислевме и на него кој низ прекрасните и со патина прекриени мелодии и созвучја не водеше сите, и оркестарот и нас во публиката како некој најискусен музикопловец, како „суверен капетан на распејаната ѓемија“. Мислевме и на шармантното (а, какво би можело да биде, ако не такво?!) и дискретно водење низ распејаниот звучен океан од страна на нашиот „крал на шоуменството“ - Игор Џамбазов.

 

Ете, гледате, причини за радост и добро расположение навистина имаше многу. Но, сепак, пиететот и почитта кон сè она што направил маестро Александар Џамбазов за македонската музика од сите жанри, за неговите илјадници снимки со ансамблите на МРТ во архивата на Македонското радио што не знаејќи секојдневно ги слушаме низ етерот, за неговата „света врска“ со детската музика и за неговиот колосален придонес во нејзиното раѓање, зацврснување, размавнување, за неговиот многу подрагоцен од колку обемен опус од областа на класичната музика, за неговиот многу битен придонес во раѓањето и растежот на македонската популарна музика. За оваа последната, а под импресии од слушаните композиции, кај многумина можеби се јавуваше и тага и резигнација од фактот што мајсторството вградено во аранжманите на само неколку негови песни, од него и од неколку големи мајстори на поранешната југословенска музика, значи тоа „кондензирано мајсторство“ не можеме да го слушнеме во цела петгодишна продукција на двата наши најпознати фестивали на популарна музика. Но, да не застрануваме. Другпат за тоа.

 

Значи, маестро Александар Џамбазов кој нè собра во толкав број во салата на Домот на Армијата на Македонија за да нѝ приреди такво несекојдневно задоволство, на крајот не можеше да се соземе од „салвите“ на ракоплескања и, буквално, ројот од букети што се слеваа кон сцената и кон него. Растреперен и со никогаш не доживеана возбуда во четиридецениската кариера ги издиригира тактовите од неговата веќе култна детска песна „Скопје, радост ти ќе бидеш“, за да им овозможи не неговите некогашни „Славејчиња“, а денес уважени госпоѓи во своите професии, уште еднаш да му ја оддадат својата благодарност за сè што направил за македонската музика. Затоа. Благодариме и БРАВО МАЕСТРО!

 

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: