АТАНАС БАДЕВ (1860-1908)

По повод 150 – годишнината од раѓањето на Атанас Бадев


д-р Јане Коџабашија

 

Развојот на музичката уметност во Македонија во последната четвртина на 19 век е означен низ дејноста на градските и училишните хорски ансамбли и помали оркестарски состави формирани од музичари од коишто некои се школувале и надвор од границите на Отоманското Царство, во Русија и во други европски земји. Најистакнатиот меѓу музичарите коишто дејствуваат на овој план во овој период е Атанас Бадев.

За првпат објавени во шеесетитте години на 20 век, податоците за животот и делото на овој музички деец, во македонската културна јавност побудија огромно интересирање. Подоцнежната концертна изведба на фрагменти од неговата хорска композиција Литургија по св. Јован Златоуст со Хорот на Македонската радио-телевизија под диригентството на Драган Шуплевски во свечената сала на МАНУ беше проследена со вистинско воодушевување. Националната музика се збогати со вредно, дотогаш непознато дело создадено од професионално подготвен музичар. Овој настан фрли нова светлина на нашето музичко минато, посебно на црковната музика од периодот на Преродбата.

Литургијата по Св. Јован Златоуст на Атанас Бадев за кратко време доживеа разни форми на снимања и на концертни изведби и беше често емитувана на музичките програми на Радиото и Телевизијата. Со колкава популарност се здоби ова хорско дело во следниот период говорат и податоците дека интегрални изведби Литургијата на Бадев имаше на манифестацијата Струшка музичка есен во 1988 и на осветувањето на Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје, во 1990 година. Во истиот период беше издадена на грамофонски плочи и на аудио и на видеокасети. Во македонските цркви Златоустовата литургија на Бадев сe почесто ќе биде застапена и речиси наполно ќе ја истисне Литургијата на српскиот композитор Стеван Ст. Мокрањац (1856-1914), дотогаш неприкосновен не само во духовната, ами и во световната хорска музика во Македонија.

Атанас Бадев е роден на 14 јануари 1860 година во Прилеп, во семејство на доста зафатен трговец. Уште од најрана возраст Атанас покажувал големо интересирање за музиката. Освен тоа, со еднаква љубов тој се однесувал и кон другите предмети, а особено кон математиката. Црковно пеење учел кај Коте Пазов, а потоа кај Георги Смичков, еден од првите македонски мелографи, познат црковен пејач и учител[1].

Како момче со натпросечни способности, родителите го испраќаат Атанаса да го продолжи школувањето во Солун. Меѓутоа, таму тој останува кратко време, бидејќи смртта на татко му доведува до материјални тешкотии во семејството. Во следниот период семејството Бадеви се преселува во Бугарија и Атанас се запишува во Машката гимназија во Софија. И во новата средина тој се истакнал со своето широко интересирање за предметите коишто ги изучувал. Љубовта кон музиката и несекојдневната музикалност на младиот Бадев дошле до израз преку помошта што му ја давал на својот учител по музика при раководењето на училишниот хор[2].

За време на летниот одмор во 1879 година Атанас Бадев се вратил во своето родно место Прилеп, каде што формирал црковно-училиштен хор. Составен од ученици и љубители на музиката, овој хорски ансамбл со успех настапувал на неделните црковни служби и на други празници и свечености во градот[3]. Во учебната 1880/81 година кога раководењето на хорот го презел поранешниот учител на Бадев, Георги Смичков, ансамблот имал околу 30 членови, со 7-8 пејачи во секој глас. Во својата книга “Градот Прилеп” Георги Трајчев вели дека хористите коишто се собирале на проба секоја среда попладне, биле самоуци, бидејќи во тоа време во прилепското трикласно училиште нотното пеење сe уште не било застапено[4]. Меѓутоа, пронајдените материјали испишани од раката на самиот Смичков, коишто претставуваат хорски штимови на црковни композиции транскрибирани од западна на хрисантова нотација, говори дека хористите се служеле и со пишувани музички материјали при учењето на творбите[5] и дека во тој период на територијата на Македонија доминира византиското музичко писмо.

Пресуден период од животот на Атанас Бадев е неговиот престој во Русија, каде што, финансиран од својот богат вујко, студира физика и математика на Филозофскиот факултет во Одеса. По двегодишно студирање, поради смртта на вујко му, Бадев ја напушта Одеса. Нешто подоцна, откако самиот си обезбедил материјални средства, оди во Москва, каде што се запишува во Синодалната пејачка школа. Во следниот период, раководен од желбата за нови музички знаења, го среќаваме во Петербург, како студент на Дворската пејачка школа. Некои музиколози, во врска со неговите студии по композиција на оваа школа, наведуваат дека студиите ги завршил учејќи кај видни професори. Меѓу нив се споменува и големиот руски композитор Николај Римски-Корсаков, но дали Бадев бил и негов студент, за тоа си уште нема сигурни податоци.

Со диплома на прв професионален македонски музичар и теоретичар со широка култура и знаење, Бадев се враќа во Македонија и станува наставник по музика во Солун. Во годините поминати на работа меѓу солунските средношколци Атанас Бадев го дава најзначајниот придонес за развојот на музичката култура во својата татковина. Тој организира и раководи училиштен хор и подготвува кадри што ќе ја продолжат музичката дејност во повеќе македонски градови. Извесно време, околу 1892 година, Бадев се наоѓа на служба во Битола. Таму тој се оженил со учителката Марија Димитрова Штипјанова, со која наскоро повторно се преселува во Солун. Неговото учителствување во Солун се одвива во годините на основањето на македонската револуционерна организација и на нејзините први акции. Поради претпазливост кај раководствата на училиштата на егзархијата во Македонија, започнале да ги оддалечуваат од македонските градови сите оние културни работници чија дејност, на каков и да е начин, можела да биде корисна за делото и целите на организацијата[6].

Како последица на овие околности Атанас Бадев бил преместен во Русе. Наоѓајќи се на врвот на своите творечки сили, како наставник по музика во русенската машка гимназија, тој развива мошне плодна активност, воспитувајќи ги своите ученици и раководејќи го хорот на гимназијата врз основа на искуството здобиено во училиштата во Македонија. Некои негови ученици подоцна професионално се определуваат за музиката и постигнуваат видни резултати како музички уметници и теоретичари. За време на престојот во Русе Атанас Бадев ја оформил својата „ Литургија по Св. Јован Златоуст“, којашто е печатена во Лајпциг (Германија), во 1898 год. По двегодишниот период поминат на работа во русенската машка гимназија, Бадев добива покана од синодот да биде учител по црковно пеење во Богословското училиште во Самоков. Тој ја прифаќа оваа работа којашто се состоела во упатување на семинаристите во читање на западното и на источното музичко писмо. Но, не поминало многу време, Бадев добил отказ од Самоковската семинарија. Причините за оваа постапка на синодот остануваат недоволно разјаснети. Во следниот период Бадев е назначен за наставник по музика во женската гимназија во Ќустендил. Таму, веќе со сериозно нарушено здравје, Бадев ги поминал последните години од својот живот, обидувајќи се безуспешно да добие преместување во Софија, каде што би можел да добива поефикасна медицинска помош. Во тие настојувања, на едно од своите патувања, на 21 септември 1908 год., Бадев умира во возот на пат за Ќустендил[7].

Атанас Бадев како сестрано образован музичар во духот на европската музичка естетика и под влијание на национал-романтизмот, паралелно со композиторската и педагошката дејност, се занимава со собирање и проучување на македонскиот музички фолклор. Резултат на овие истражувања на Бадев е неговиот настап на вториот конгрес на Музичкиот сојуз во Софија во 1904 година со рефератот „За фолклорот и неговите особености во Македонија”. Ова е воедно и прв посериозен труд од областа на етномузикологијата во којшто за првпат стручно се објаснуваат мелоритмичките структури на македонскиот музички фолклор[8]. Со оваа своја активност Бадев ги постави и темелите на современата македонска етномузикологија.

Напишал многубројни композиции инспирирани од музичкиот фолклор, како и хармонизации на напеви од градската традиција, какви што во периодот на национал-романтизмот негуваат и други автори од соседните културни средини. Но, вистинскиот творечки потенцијал на Атанас Бадев најдобро е одразен во неговата „Литургија по Св. Јован Златоуст” за мешан хор. Работена по примерот на духовните композиции кои Бадев имал можност да ги студира во големите музички метрополи Москва и Петербург, оваа композиција на Бадев содржи поразвиен хорски слог во споредба со другите негови творби создадени врз сопствена или фолклорна тематика[9]. Во еден дел од мелодиите застапени во ова хорско дело, се препознаваат црковни напеви зачувани преку усната традиција, како и теми од познати византиски композитори, коишто Бадев, веројатно, ги слушал и ги пеел во својот роден крај. Меѓутоа, нивниот византиски карактер е во извесна мера неутрализиран со хармонизирањето во духот на европската музика. Сепак, како музичар којшто ја познавал и византиската музика и нејзиниот систем од осум гласови, во некои делови на својата „Литургија“, каде што мелодијата за основа има некој од карактеристичните тонови на византиските скали, Бадев при хармонизирањето на овие мелодии и теми прави одредени компромиси, коишто делото го прават оригинално и привлечно. Така, наместо вообичаените хармонски решенија типични за европската музика, Бадев на моменти остава да зазвучи препознатливото византиско исо, кое како темјан го исполнува просторот. Воедно, тоа се и највозбудливите делови на неговата „ Литургија по Св. Јован Златоуст“.

Како музичар којшто преку руската световна и црковна музика имал можности темелно да ја запознае и да ја примени во практика европската музичка теорија, Атанас Бадев не можел, едноставно, да остане и во црковната музика од византиската традиција, која како дете ја учел во родниот град Прилеп. Очигледно е дека како композитор и диригент, тој повеќе простор открива во европската музика, на која ú се предал со целото свое битие. Всушност, љубовта кон европската музика, којашто се разгорела во Петербург и во Москва, е родена во Прилеп и траела до крајот на неговиот живот. Кога го велам ова, предвид го имам фактот дека во периодот на неговата прва младост, во Прилеп, како еден од понапреднатите културни центри во Македонија, преку разни форми и патишта, (иако со извесно задоцнување), како нешто ново и возбудливо, надоаѓа бранот на европската романтичарска музика, која не го оставила рамнодушен и младиот Атанас. При тоа, да не заборавиме, дека еден значаен дел од својата младост Бадев поминал во Софија, како ученик на Машката гимназија. Во овој голем културен центар во којшто се школувале многубројни млади македонски интелектуалци, тој на секој чекор можел да го почувствува здивот на европската култура. Сите овие околности ја одредија музичката судбина на Атанас Бадев, првиот сестрано образован музичар во духот на европската музика од Македонија.

Првите податоци за животот и делото на овој претставник на Националната преродба се објавени во книгата на српскиот музиколог и публицист Бранко Каракаш „Музичките творци во Македонија”, издадена во 1970 год. во Скопје, во којашто Атанас Бадев е претставен како „…прв професионален македонски музичар и теоретичар со широка култура…”[10] Следната сублимирана информација за Атанас Бадев ја наоѓаме во Музичката енциклопедија на Југословенскиот лексикографски завод од 1971 година, напишана од композиторот Тодор Скаловски, во која се наведува дека композициите на Атанас Бадев сведочат за солидното знаење, богатата инвенција и творечката сила. Се нагласува и тоа дека Бадев е првиот стручно образован музичар и теоретичар со широка култура, воедно и првиот македонски композитор на повеќегласна црковна музика[11].

Во наредниот период за делото и животниот пат на Атанас Бадев најмногу истражуваше и пишуваше музичкиот писател Драгослав Ортаков. Со своите три книги „Музичката уметност во Македонија“ (1982), „Арс нова мацедоница” (1986), „Огледи за византиско-словенската музика во Македонија“ (2001), како и со другите написи во разни списанија од областа на културата, Ортаков несомнено придонесе за расветлување на ликот и творештвото на овој значаен композитор, еден од малубројните образовани музичари не само во Македонија, туку и во другите балкански национални средини[12]. Соодветен простор на овој значаен македонски музичар му посветува и Сотир Голабовски во својата книга „Историја на македонската музика“, издадена во 1999 година. Според овој музиколог, Атанас Бадев е најзначајниот претставник на музичкиот професионализам од западно-европски тип во периодот на Преродбата и покрај музичкото творештво и етномузиколошката работа, ја нагласува и неговата педагошка и организаторска дејност со што дал значаен придонес во развојот на музичката култура во Македонија[13]. Во последно време за животниот пат и за делото на Атанас Бадев истражува и музикологот Јелица Тодорчевска, која навестува некои нови моменти од неговиот живот, особено за периодот на неговите музички студии во Русија[14].

Имајќи го предвид фактот дека интересирањето на Бадев како музичар не е ограничено само на духовната музика и на фолклорните теми како извор на инспирација, туку и на самото фолклорно музичко творештво, конечно и заради неговата јасна ориентација кон европската музика како негова естетско творечка определба, за овој музички деец чијашто дејност се остварува во последните две децении на 19 и почетокот на 20 век, ќе истражуваат и идните генерации македонски музиколози.

 

 



[1] Ортаков, Драгослав, Македонска музика – 5 Атанас Бадев и неговото дело. п. 27. 

[2] Ортаков, Драгослав, Арс нова… оп. цит. п. 143

[3] Голабовски, Сотир, Историја… оп. цит. п. 99.

[4] Трајчев, Георги, Град Прилеп, Софија, 1926. п. 154-155.

[5] Ортаков, Драгослав и Голабовски, Сотир, Музичко творештво, Прилеп и Прилепско низ историјата, Прилеп, 1971, в. И. п. 236-240.

[6] Ортаков, Драгослав, Македонска музика - 5, …оп. цит. п. 31.

[7] Ортаков, Драгослав, Арс нова… оп. цит. п. 177.

[8] Каракаш, Бранко, Музичките творци во Македонија, Македонска книга, Скопје, 1970, п. 9.

[9] Ортаков, Драгослав, Арс нова… оп. цит. п. 150.

[10] Каракаш, Бранко, Музичките… оп. цит. п. 9.

[11] Скаловски, Тодор, Музицка енциклопедија, вол. И, Југословенски лексикографски завод, Загреб, 1974, п. 110.

[12] Ортаков, Драгослав, Арс нова… оп. цит. п. 141.

[13] Голабовски, Сотир, Историја… оп. цит. п. 100

[14] Тодорчевска, Јелица, Лексикон на музичките творци од Прилеп, (во ракопис)

 

 

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: