Наум Миладин (1817 – 1895) – Живот и творештво

 

м-р Димитри Кумбароски

 

/images/st_magazine/portreti/naummiladinov.jpgЗа животот и музичката дејност на Наум Миладин пред сѐ дознаваме од статиите „Непознатата дејност на музикологот Наум Миладин” на стружанецот Петар Чакар, печатени во дневниот весник „Нова Македонија” во 1972 година. Во овој фељтон на Чакар, кој несомнено има ем популарен, ем научен карактер, среќаваме информации за животот на Наум Миладин што авторот ги добил користејќи една мошне компетентна литература за Димитрија и Константин Миладинови (К. Шапкарев, И. Снегаров, Ц. Миладинова-Алексиева), како и по пат на усно предание („…според соопштувањето на синот од нивната внука од брат, Славе Папуџиевски, добар познавател на непознатото за миладиновскиот род...”). Трудот на Чакар нуди и такви податоци кои упатуваат на музичката дејност на Наум Миладин, како што е на пр. неговиот музичкиот ракопис од 1843 година, кој до денес се чува во личната библиотека на семејството Чакар.

Втор, често цитиран извор за животот и творештвото на Наум Миладин претставува ракописот „Автобиографија” или уште среќаван како како „Биографија на Миладиновци”. Според академикот Гане Тодоровски, „овој документ кој датира од околу 1865 година и има 100-на страници...”[1], се чува во архивите на БАН (Бугарската академија на науките) и не и е целосно достапен на нашата научна и културна јавност. Научната верификација овој документ доцни меѓу другото, и заради фактот што постои втор, изменет примерок примерок кој датира од почетокот на минатиот век.

За Наум Миладин пишувале и С. Голабовски, Д. Ортаков, Ј. Коџабашија, П. Аврамовски, Х. Поленаковиќ, Г. Тодоровски и др., но оваа литература во основа ги содржи и нѐ упатува на податоците од веќе спомнатите извори.

Акцентот на нашeто внимание во предложениов труд ќе го ставиме врз наумовата музичка дејност во областа на византиската црковна музика, пришто главен извор врз кој ќе ги темелиме нашите тврдења ќе биде музичкиот ракопис од 1843 година.

И како што писмата на Димитар Миладинов, постариот брат на Наум, се „негова биографија, негова философија на животот..”[2], така музичкиот ракопис на Наум Миладин претставува своевидно резиме на неговиот животен пат, философија на живеење и перспекитви и ориентација.

Кој всушност бил Наум Миладин?

Роден е во 1817 година во Струга. Од 1831 до 1833 година е на печалба во Дурас (Драч), а од 1933 го започнува своето школување во Јанина и Цариград. До 1878 учителствува во родниот крај, по што се сели во Софија, Р. Бугарија каде и умира во 1895 година.

Познато е дека, историското раздобје во коешто живеел и творел Наум Миладин е времето на епохален културен пресверт во Македонија, кој меѓу другото се однесува и на процесот на усвојување на т.н. Нов метод во византиската црковна музика на тројцата учители на Великата Црква Христова, Хрисант Мадитски (+ 1843), Хармузиј Хартофилакс (+1840) и Григориј Протопсалт (+1822). 

Професорот Коџабашија забележува дека, Новиот метод „наишол на широко прифаќање од црковните пеачи на поширокиот балкански простор во ΧΙΧ век, па така и на територијата на Македонија”[3]. Во предговорот кон првото издание на хрисантовата „Велика теорија на музиката”, Панајот Пелопидис од Пелопонез, ученик на Хрисант и издавач на хрисантовата теорија на музиката, дава особено жив опис на климата што владеела пред и по усвојувањето на Новиот метод. „Откако ја подредија музиката по правила, тие (тројцата учители)” – вели тој, „веднаш и го објавија новото откритие на Великата Црква. Тоа му беше предложено на разгледување на Св. Синод (во времето на кириархијата на Вселенскиот патријарх Кирил VII) на специјално собрание во Адрианопол со учество на видни мирјани... Св. Синод се увери дека предложениот нов Метод претставува синтеза на правилата на музичкото искуство.. За целта беше создадена школа, во која можеа да се учат сите... Патријаршијата испрати писма до епархиските архијереи и ги покани сите што сакаат да ја изучуваат музиката по новиот Метод да заминат на бесплатно школување во Константинопол... Слично добро дело во Букурешт разви и музичкиот учител г-динот Петар Ефески – ученик на истата школа”[4]

Во овој контекст, интересен е податокот за Наум Миладин кој вели дека по завршувањето на гимназиското образование во Јанина, по благослов на Јанинскиот митрополит Јоаким, тој заминал да учи на Духовната академија на Халки. За жал, не постои писмен доказ кој би го потврдил ваквото тврдење, но точно е дека времето на неговиот престој во Јанина се поклопува со времето на киријархијата на јанинскиот митрополит Јоаким (1835-1845), кој подоцна бил избран за Константинополски патријарх (1860)[5]. Информацијата пак, дека од 1841 до 1844 година учел на Духовната академија на Халки е погрешна од проста причина што, истата започнала да работи дури во Октомври, 1844-та[6]. Не е спорно дека Наум Миладин музички се образувал, но каде и во кое време, нам се уште не ни е познато. Најголем доказ за неговото систематско и сеопфатно музичко образование се чини е токму спомнатиот ракопис од 1843. Денес, за жал, достапни ни се единствено копии од само две страници на истиот, што професорот Сотир Голабовски успеал да ги добие од Петар Чакар[7]. 

Што содржи тој ракопис?

Според Голабовски, „тој претставува учебник по нотно пеење. Во него се разработува музичката теорија од облста на византиската ортодоксна традиција со акцент на реформираната теорија на Хрисант. Овој учебник веројатно бил наменет за учениците што ја посетувале школата за музичко описменување што ја формирал овој наш музички деец. Ракописот е пишуван на грчки. Од нотните текстови во овие две страници, кои се грижливо напишани со сите детали, може да се заклучи дека Наум Миладин одлично ја познавал теоријата која ја изнесува во ова дело. Исто така во овие две страници го наоѓаме името на авторот на ракописот”[8].

Петар Чакар, пак, во трудот „Наум Миладин – автор на трудови од областа на граматиката и на музиката” бележи: „На 1 мај 1843 година, првпат се појавуваат два негови стручни труда: "Увод во теоретиката на црковната музика" и "Увод во граматиката на грчкиот јазик". Насловната страна на првиот увод, во превод гласи: „Увод во теоретското и практичното на црковната музика, составена за употреба на оние што ја учат истата по Новиот метод на Хрисанта, од Медина, учител на теоретиката по музика во Парис – Типографија „Ригнија”, која се наоѓа во „Галата” – Цариград – Прва тврдинска типографија. Уводот се даде од мене Наум Миладин. 1843 год. Мај. Своерачно”[9].

Двете кажувања се мошне индикативни. Насловот на учебникот, потем фактот дека тој е теоретикон и на крај времето кога истиот настанал, нѐ упатуваат на книгата „Вовед во теоријата и праксата на црковната музика” на Хрисант Мадитски од 1823 година. Овој учебник на Архиепископот Хрисант е прв печатен теоретикон кој го разработува Новиот метод. Тој претставува основно помагало за сите оние што теоретски и практично ја изучуваат византиската музика.

Ајде да видиме што точно е запишано на самата насловна страница на таа книга (копија од изданието од 1821, види прилог бр. 1):

„Εισαγωγη

εις το θεορητικον και πρακτικον της

εκκλησιαστικης μουσικης,

συνταχθεισα,

προς χρησιν των σπουδαζοντων

αυτην κατα την νεαν μεθοδον,

παρα

Χρυσανθου του εκ Μαδυτων –

Διδασκαλου του Θεωρητικου της Μουσικης

 

Εν Παρισιος.

Εκ της τυπογραφιας Ριγνιου.

 

Ευρισκεται δε κατα τον Γαλαταν της Κωνσταντινοπολεως.

Παρα τω Α. Καστρου,

 

Τυπογραφω – 1821”

 

или во превод на македонски:

„Вовед во теоријата и праксата на црковната музика наменет за оние што ја изучуваат според новиот метод на Хрисант Мадитски, учител по теорија на музика во Париз во печатницата на Ригни која се наоѓа во Галата во Константинопол

А. Катстро

Печатено 1821

 

            Очебијно е дека, насловната страна на „Воведот” на Хрисант и првата страница од ракописот на Наум Миладин се речиси идентични. Во миладиновиот ракопис е наведен уште хронолошкиот податок за времето кога најверојатно истиот настанал, 1843 година, и потпис на тој што го извршил преписот, во случајот Наум Миладин.

Втората страна пак, претставува литературен текст напишан на грчки јазик. Неговата содржина е следна (копија од ракописот на Наум Миладин, види прилог бр. 2):

„Εισαγωγη

εις το θεωρετικον και πρακτικον

της

εκκλησιαστικης μουσικης

 

Κεφαλαιον

α’

Περί του κατά την Μελωδιαν Ποσου

 

α'. Δυο τινα γνωριζομεν συστατικα της Μελωδιας, Ποσον και Ποιον δια τουτο και δυο ειδοων χαρακτηρας διοριζομεν, δια να γραφηται καθε Μελωδια.

β'. Το Ποσον, οπου θεωρειται εις την Μελωδιαν, ειναι η Αναβασις, η Καταβασις, και η Ισοτης.

γ'. Αναβασις μεν ειναι σειρα φθογγων, ψαλλομενω δια των εξης συλλαβων, κατα ταυτην την ταξιν.

 

Πα  Βου  Γα  Δι  Κε  Ζω  Νη  Πα.

 

δ'. Καταβασις δε ειναι σειρα φθογγων, ψαλλομενων κατα την εναντιαν της Αναβασεως ταξιν οιον,

 

Πα  Νη  Ζω  Κε  Δι  Γα  Βυ  Πα”

 

или во превод на македонски[10]: 

 

„Вовед во теоријата и праксата на црковната музика

 

Прво поглавје: За квантитетот на мелодијата

 

1. Препознаваме два елементи на мелодијата, квантитет и квалитет; оттука, утврдени се два типа нотациски знаци за бележење на која и да е мелодија.

2. Квантитетот во однос на мелодијата е подем, пад и равенство.

3. Подемот, е низа од звуци, испеани со овие слогови и подредени вака:

 

Па   Ву   Га   Ди   Ке   Зо   Ни   Па

 

4. Падот, е низа од звуци испеани обратно на подемот, на овој начин:

 

Па   Ни   Зо   Ке   Ди   Га   Ву   Па”

 

И овде, како и во првиот случај, станува јасно дека во прашање е дословен препис, овојпат на првата страница од спомнатиот теоретикон на Хрисант.

Судејќи според сѐ што досега беше кажано во врска со ракописот на Наум Миладин, во толкава мера колку што тој денес ни е достапен, може да конастатираме дека истиот претставува дословен препис на хрисантовиот теоретикон „Вовед во теоријата и праксата на црковната музика” од 1821 год.

 

По излегувањето на спомнатиот фељтон на Чакар во печат, па до денес, среќаваме повеќе обиди да се афирмира споменот за овој горазд стружанец, пришто многу од тврдењата кои се појавија се прилично сентиментални и немаат речиси никаква научна основа. Меѓу нив ги издвојуваме тие дека Наум Миладин е автор на првиот музички учебник кај нас, дека свирел виолина, дека учел музика во Виена, дека музички ги бележел стиховите на дел од песните во Зборникот на неговите браќа и сл. Природно се поставува прашањето за местото на Наум Миладин во македонската музикологија? Дали тоа што неговиот музички ракопис е дословен препис на претходно печатениот теоретикон на Хрисант ја намалува неговата вредност и Наум Миладин го става на страна? Нашиот одговор е категорично не! Македонската научна и културна јавност греши секогаш кога за Наум Миладин говори единствено како за препишувач и собирач на црковни и народни умотворби.

 

Во што тогаш се состои скапоценоста на неговиот творечки подвиг? 

Наумовиот музички ракопис претставува засега единствен пронајден ракопис/препис на систематски теоретикон кај нас според Новиот метод;

Со ракописот поставен е темелот на процесот на усвојување на новиот метод на овие географски простори.

Истиот тој ракопис ќе и стане diferencia specifica на струшката–црковно пеачка школа чиј претставници се: Георги Икономов, Архимнадритот Калистрат Зографски, Архимандритот Дионисиј Попоски, отец Димко Милев, Анастас Калајџи, Јанче Кленко, Сотир Чакар, отец Владимир Санџакоски. Со сигурност може да се каже дека Наум Миладин е нејзин музички патријарх. 

Сепак, најбитен се чини е есхатолошкиот аспект и димензија на творештвото на Наум Миладин. Неговото творечко вонмем е постојано свртено кон Истокот, кон Есхатонот, по што произлегува и заклучокот дека, неспорен е неговиот придонес во развојот на византиското црковно пеење кај нас.

     

                (прилог бр. 1)                                                                                          (прилог бр. 2)

/images/st_magazine/portreti/pr1.JPG/images/st_magazine/portreti/pr2.JPG

 

 

 

 

 



[1] Д. Стојановиќ – „Бугарите не ја даваат биографијата на Миладиновци” – Разговор со акад. Гане Тодоровски – Вест бр. 1758 – 2006 - Скопје

[2] Г. Старделов – Антеј ја допира земјата (етос и логос) – Ѓурѓа – 2000 – Скопје, стр. 210

[3] Ј. Коџабашија – Црковното пеење во МакедонијаЦентар за византолошки студии – 2008 – Скопје, стр. 38

[4] Хрисант Мадитски – Велика теорија на музиката – Руенски манастир, с. Скрино

[5]ΒασίλειοςΣταυρίδης– „ΟΟκουμενικοΠατριάρχαι - http://www.ec-patr.org

[6] http://www.ec-patr.org/mones/chalki/greek.htm

[7] Сите обиди на бројни личности од Македонија да се дојде до целиот ракопис на Наум Миладин, вклучително и обидот на авторот на овие редови се неуспешни од причини познати само на семејството Чакар.

[8] С. Голабовски – Од музичкото минато на Струга - http://www.org.mk/struga-heritage/

[9] Петар Чакар - Наум Миладин – автор на трудови од областа на граматиката и на музиката http://www.org.mk/struga-heritage/

[10] Преводите од грчки на македонски јазик се на авторот на овој труд



Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: