Илија Пејовски - Бас

Елени Новаковска

 

/images/st_magazine/portreti/ilijapejovski.jpg

„Да се биде џезер значи слободно без ограничувања да се прифаќаат работите.’’ 

            Ова е синтагмата на постоењето на човекот за кој џезот не е само определба туку и животна филозофија, композиторот, аранжерот, диригентот, пијанистот, продуцентот и педагогот Илија Пејовски - Бас.

            Илија Пејовски е роден на 7.07.1947 година во Велес. Основното музичко образование го завршува во Скопје, во класата на Ладислав Палфи[1]. Музичкото образование го надоградува во Љубљана, а дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1972 година. Во 1977 година дипломира наBerklee College of Music’’, во Бостон, САД. Од 1969  година, работи како аранжер, композитор, диригент и продуцент во Македонската Радио Телевизија.

Џезот е животна преокупација на Пејовски.

            „Џезот не подразбира читање, туку раскажување, каде што особено доаѓа до израз индивидуалноста на раскажувачот, односно музичарот, па од тука, џезот е повеќе музика на интерпретаторот, отколку на композиторот’’ - вели Пејовски.


            Како резултат на дејствувањето на Пејовски, во овој контекст, се големиот број состави во кои членувал од 1959 година, па се до денес. Меѓу нив се „Комбо’’ (1959 - 1963), „Скопско џез трио" (1962/63), „Диксиленд состав од Охрид’’ (1963 - 1965), Биг-бенд при КУД „Мирче Ацев’’ (1964-1966), Дувачки квинтет при Работничкиот дом во Скопје, Биг-бендот на МРТВ и други. Секој од овие состави, носи посебен вид едукација за Пејовски, посебен предизвик, музички израз во однос на интерпретацијата или пак првобитната креација на музичките дела преку компонирањето.

            Составот „Комбо’’ е формиран во 1959 година, од учениците при Средното музичко училиште во Скопје, под раководство на охриѓанецот Димитар Орачев. „Комбо’’[2] бил диксиленд состав кој настапувал на локалните игранки (во „Домот на милицијата’’, на „Кале’’), но и во градовите во источна Македонија (како што се Штип, Радовиш и др.). Игранките на кои настапувале се одржувале во училишните сали, еднаш неделно (сабота или недела) , од 17 до 19 часот. Овие игранки во тоа време претставувале единствен начин младите да се забавуваат и слушаат во живо џез.

            Во 1962/63 година Илија Пејовски  формира „Скопско џез трио’’. Членови на триото покрај Пејовски, кој свири на пијано биле Ѓорѓи Занев - контрабас и Јован Јонче Наумовски - тапани .( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995) Триото започнало да работи со голема љубов, постигнувајќи успеси (снимаат две емисии за ТВСкопје, а требало но за жал не настапиле на Џез фестивалот во Блед, Словенија) и почит од страна на љубителите на џезот. Репертоарот го сочинувала музика создадена по пример на светските џез стандарди, но и оригинални џез композиции меѓу кои се вбројувале и следните автори: Bud Powell, Oscar Peterson, Thelonious Monk, Dave Brubeck и други.

            По земјотресот во Скопје, Илија Пејовски оди да живее во Охрид, каде што во тој период (1963-1965 год.) делува диксиленд состав.[3] Составот работи во периодите кога Димитар Орачев (во тој период ) студент на одделот музикологија на Факултетот за музичка уметност во Белград, Србија, доаѓал за време на распустите во Охрид. ( Димитар Орачев, интервју, 20 мај , 1995) Бендот изведувал диксиленд стандарди во хотелите по Охридско - Струшкото крајбрежје, а гостувал и на натпревари кои се организирале низ Македонија (во Велес , Гостивар и други градови). На еден од овие натпревари на градовите кој се одржувал во Охрид, составот добил прва награда изведувајќи ја композицијата "Masket travel". ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995)

 

/images/st_magazine/portreti/diksilend.JPG  Диксиленд состав од Охрид 

 

            Во овој период Илија Пејовски настапува заедно и со Љупчо Константинов - гитара , интерпретирајќи џез стандарди.Во периодот помеѓу 1966 - 1968 година, во Скопје паралелно со постоењето на биг-бендот при Радио Скопје, во рамки на Културно уметничкото друштво „Мирче Ацев’’ се формира биг-бенд под раководство на Драган Раиќ. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995) Биг-бендот изведувал исклучиво џез , а концертирал и во Чешка и Германија. Во овој бенд Илија Пејовски свири на пијано. По напуштањето на Раиќ на Македонија, раководењето со ансамблот го превзема Круме Јовановски, кој биг-бендот го намалува на пет дувачи и ритам секција.

            Актуелноста и популаризацијата на џезот кај младите иницира идеи за формирање на џез групи. Во „Работничкиот универзитет’’ во Скопје се формира дувачки квинтет. Ваков тип на ансамбл се формира на два пати, а составите ги води музичарот од Радио Скопје, Киро Стоев. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995) Во квинтети членува Илија Пејовски, свирејќи тромбон.

            Еден од бендовите во кои во периодот на 60-тите години членува Пејовски е и вокалниот квартет „АБЦД’’[4] формиран во 1968 година во Скопје. Квартетот го основа градежниот инжинер Борче Ташковски. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995) . АБЦД интерпретира музика по пример на ансамблите „The four Freshmen’’ и „The Hi-Lo`s’’, односно во тоа време актуелните во СФРЈ, Квартетот на Предраг Ивановиќ Белград (Србија). Составот бил придружуван од Илија Пејовски на пијано. Дел од аранжманите за овој вокален квартет ги пишувал Драган Ѓаконовски - Шпато.

            Во рамки на „АБЦД’’, Шпато формира инструментален состав чии членови биле: Мирко Станкиќ  - флејта, Илија Пејовски - тромбон, Шекер - пијано, Мирче Панов - бас, Драги Мачкица - Тапани. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995) Оркестарот постоел 6-7 месеци , немал име, а работел при Друштвото на градежните работници во Скопје, одржувајќи само неколку концерти, по што оркестарот се распаѓа.

            Еден од познатите вокални квартети кои е формиран во 1968/69 година е вокалниот квартет „Импулси’’, кој го создава Илија Пејовски, со неколку свои колеги од „Факултетот за музичка уметност’’ во Скопје, меѓу кои и Ванчо Димитров , Марија Ѓаконовска, Иле Темков, Искра Божиновска. Раководењето со  „Импулси’’, по одреден период го превзема Шпато и тие стануваат еден од белезите на неговото творештво. Вокалниот квартет всушност е создаден се со цел задачите кои биле пишувани по хармонија да бидат изведени и да се добие подобар увид во тоа што се изучува. (Илија Пејовски, интервју, 20 , август, 1993) Вокалниот квартет „Импулси’’[5]  бил придружуван од „Скопското џез трио’’  кое го води Пејовски. Истата година, Илија Пејовски започнува да работи како пијанист, диригент и аранжер во Танцовиот оркестар на Радио Телевизија Скопје, каде ќе го помине најголемиот дел од својот работен век.

 
  /images/st_magazine/portreti/pejovskisoork.JPG

Илија Пејовски со Танцовиот оркестар

 

            Во големиот број на групи во кои членува Пејовски се вбројува и Камерниот гудачки оркестар со ритам секција и повремена појава на група на дрвени дувачки инструменти кој го формира Шпато. Диригентската палка и пишувањето на аранжмани му припаѓа на Шпато, а пијано во оркестарот свири Илија Пејовски. Со овој камерен оркестар направени се повеќе од 100 звучни записи за  Радио Телевизија Скопје. Предизвикот да се свири џез, за Илија Пејовски е да се биде инвентивен во моментот, навреме да се каже нешто.Токму тие причини Пејовски е постојано активен на полето на изведувачката уметност.

            По наговор на еден пријател, 1973 година Пејовски го формира составот „Спектар’’ , во кој членуваат музичари кои според Пејовски се вбројуваат меѓу најдобрите инструменталисти од тоа време[6]. Џезот кој го изведувале, се базирал врз модалитетите кои се јавуваат во македонскиот музички фолклор и неговата специфична ритмика, така наречен фолк-џез. Автори на композициите биле Илија Пејовски и Кире Костов. Составот „Спектар’’, активно работел повеќе од една година, со редовни проби од по седум часа на ден, без никаква финансиска добивка. По интензивната работа „Спектар’’ одржуваат еден единствен концерт во Домот на млади 25-ти мај во Скопје, со кој и завршува нивната кариера.

 

/images/st_magazine/portreti/spektar.JPG

„Спектар’’ на концерт во Домот на млади „25-ти мај’’

 

            По повод концертот, новинарот Васја Ивановски (кој по професија не е музичар), пишува негативна критика во списанието „Екран’’, претставувајќи го составот „Спектар’’ како непознавачи на џезот. Апсурдноста на ваквиот напис веднаш се демантира кога Пејовски, истите звучни записи ги носи на приемниот испит на џез школата во Беркли, каде што комисијата е изненадена од нивниот квалитет[7]. Споменатите композиции Пејовски и Костов подоцна ги преработуваат за биг-бенд и настапуваат со Танцовиот оркестар на Радио Скопје на Музичката парада во Раденци (Словенија) каде што овие композиции се здобиваат со награди вреднувани од квалификувани музички дејци.( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995)

 

/images/st_magazine/portreti/spektar2.JPG

Спектар

 

            Ова е само дел од активноста на Илија Пејовски-Бас како инструменталист  иако тој и денес се занимава со интерпретација. Пејовски се забележува на подиумите во Словенија , Чешка, Италија. Илија Пејовски соработува и со Thad Jones, Graham Collier, Stan Getz и други. Покрај редовната активност со биг-бендот на МРТВ (се до неговото расформирање), како диригент настапува и на двата авторски концерти (едниот одржан на 23.04.1998 год. со биг-бендот на МРТВ во просториите на студиото М1 и последниот на 23.12.2005 година), во кој ја анимира Македонската филхармонија, претставувајќи го сопственото творештво од третата струја и филмската музика.

            Треба да се напомене дека Илија Пејовски настапува и на „Деновите на Азиска музика’’ во 2000 година во Јокохама Јапонија, каде што е вброен меѓу 100-те модерни композитори на 21 век.

За Пејовски важи следната синтагма, која произлегува од активното практицирање на џез музиката, на секој план:

            „Кога свири на концерт еден професионален музичар, кој изведува дела од сериозната музика, тој ќе се запраша како ќе го отсвири делото, а еден џез музичар ќе се запраша што да отсвири. Тој (џез музичарот) практично е гладијатор.’’

            Токму поради ова, власта во џез музиката ја има изведувачот, начинот на кој што тој ќе го сфати и прикаже делото. Според Пејовски, џезот најмногу се доближил до она што е уметноста, затоа што тој е неповторлив, а уметноста е неможноста за репродукција.

Најспонтаната и веројатно правата музика е џезот. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995)

            Што се однесува до другото поле на творење на Илија Пејовски, тоа е сферата на композицијата и тоа инструменталната музика или како што тој милува да каже "музика на тонот".

Пејовски, изворот за своето творештво го црпи длабоко во себе.

„Она што сум го напишал го чувствувам како парче од своето тело ’’.

На прашањето за неговото творештво и зошто создава , тој вели:

„ Тешко е да се објасни творештвото, но би пробал со тоа дека добриот патник не знае каде оди, а совршениот ни од каде доаѓа, што би се рекло - важно е да се патува’’.

Како нити еден друг македонски композитор, Пејовски е навлезен во традициите на џезот. Такви се композициите „Шега’’, „Угар’’, „Галеш’’, „Некаде’’.

Во неговото творештво се застапени сите правци на џезот од свингот до би-бапот, преку фанкот и фјужнот што се забележува во композициите „Дамин Гамбит’’, „Моф’’, „Фуга’’, „Недоварено јајце’’ и др.

            Со композицијата „Еволуција’’ напишана во 1972 година, ја бележиме појавата на првата џез композиција што ја пишува друг композитор, а тоа да не биде легендарниот Шпато. Во композицијата „Еволуција’’ со 11/8-ска ритмичка основа, дискретно се провлекува фоклорната интонација и модифицираната ритмичка пулсација, што овозможува овие ритми да се усогласат со модерните џез хармонии. Карактеристичен е при тоа фригискиот це-модис, што значи дека низ целата партитура преовладува модална звучност што е реткост во џез литературата кај нас (Костадиновски, 1990, стр.172).

Она што во светот на џезот се забележува во делувањето на музичарите од „третата струја’’, претставено е преку композицијата „Од’’, која ја изведуваат камерен оркестар и пијано, спој на класичната музика и џезот.

            За прв пат кај Пејовски се јавува творење во духот на македонскиот музички фолклор, кое се согледува во композицијата „Предел’’, каде што композиторот самиот твори мелоритмички материјал типичен за народниот мелос, а рехармонизирањето на темата е извршено со користење на техниката "four part writing with available note", додека основниот пулсирачки ритам е карактеристичен за би-бапот.

            Сепак, главна определба на Пејовски е користењето на македонскиот музички фолклор. На народните песни и ора тој им ги задржува основните обележја, збогатувајќи ги со специфичниот хармонски јазик на џезот. Воедно, фоклорот не губи од својата убавина затоа што обилно се користат и народните инструменти како што се зурлата, кавалот, гајдата. Тој врши автентично, софистицирано презентирање и обработка на македонскиот музички фолклор. Само во неговото творештво музичкиот фоклор не трпи големи промени и ја задржува својата изворна убавина. Употребата на народните инструменти уште повеќе ја обојуваат фоклорната „интонација’’ на песните. Така на пример, во композицијата „Сербез Донка’’ во изведувачкиот апарат е вклучена и зурлата која слободно импровизира, а во „Минијатура за машки кавал’’, носителот на мелодијата е кавалот, додека во обработката на народното оро „Јанино’’, главната мелодиска линија и е доверена на гајдата.

            Пејовски често пати извршува  само рехармонизации на народните песни и ора, задржувајќи го примарниот ритам и пластичната мелодија. Ваква обработка е извршена во композициите „Минијатура за машки кавал’’, „Ѕвонче ѕвони’’, „Старо македонско оро’’ и „Јанино’’, каде што оркестарот се придружува во заедничкото оформување на композицијата, односно во заедничката импровизација. Особено впечатлива е и неподреденоста на народните свирачи и пејачи кои слободно ја изведуваат народната песна или оро, со што се овозможува автентичност во изразот на народниот уметник.

            Понекогаш Пејовски композицијата ја доведува до такво совршенство, што и хармонската подлога ја изведува од мелодиската линија на изворната народна песна (односно твори врз модусот во кој се јавува песната), како што е композицијата „На бапчорките’’. Формите на композициите, многу често произлегуваат од принципите на градење на народните песни – појава строфа и рефрен, оформување врз база на вокално-инструменталната народна пракса, додека импровизациите на народните мотиви соодејствуваат со „усното’’ пренесување на фолклорот, а воедно се базираат, односно соодејствуваат, на орската традиција.

            Не си го продавај Кољо чифликот’’ е типичен пример за содејство на џезот и македонскиот музички фолклор , каде што авторот извршува рехармонизација со типичниот хармонски јазик на џезот, изложувајќи го изворниот цитат и неговата ритмичка подлога, но и внесувајќи нова музичка мисла која кореспондира со народната песна. Во понатамошната разработка на композицијата, Пејовски извршува промени на тактот, внесувајќи единаесет осмински, пет осмински и основниот девет осмински такт, со што се приближува кон орската традиција која е богата со мешани тактови. Постои и уште еден елемент кој се јавува во обработката на темата која кореспондира со антифоното-бирдунско пеење, кое што се одликува со повторување на мелодијата и текстот, при што повторувањето го изведува друга група пеачи, прифаќајки ја мелодијата од последниот тон или пак претпоследниот. Во овој случај, превземањето го вршат различните групи на инструменти од саксофонот, трубата, тромбонот, до взаемната употреба на инструментите од мелодиската секција, употребени за динамизација и драматизација при изведбата на варијациите. За разлика од народната песна, каде што гласот кој „придружува’’ изведува бордун , во овој случај се јавува развиена, така наречена, контрапунтска мелодија на дел од мелодиската секција. Техниките на компонирање кои се употребени во однос на хармонскиот костур се "thickened line", "four part writing", "cluster voicing".

            Сличен принцип на обработката се применува во композицијата „Сербез Донка’’, при што само на крајот на изворниот цитат се модифицира ритамот со воведување на синкопи, а хармонскиот јазик е типичен за џезот.

 

/images/st_magazine/portreti/galei.JPG Првото македонско џез CD Илија Пејовски „Галеш’’

 

            Не осврнувајќи се комплетно на неговото творештво, сепак треба да истакнеме дека Пејовски е автор на над 70 авторски композиции, 300 аранжмани, музика за осум филмови и музика за над 40 документарни филмови.

            Делувањето на Пејовски, не е само на ова поле. Една од неговите активност е и педагогијата со која активно се занимава од 1977 година. Своето знаење тежнее да го пренесе и на другите за да се подигне нивото на сознанија не само на публиката туку и на музичарите, со цел да ги откријат тајните на џезот и применат во своите дела (без разлика дали тоа се однесува на композитори или изведувачи).

            „Едноставно некои работи неможеш да ги купиш , ниту продадеш. Што значи, не сум сакал да скријам, она што сум го знаел, сум сакал да им го покажам’’ - вели Пејовски...„затоа што учителот учи повеќе од учениците отколку од учебникот’’. ( Илија Пејовски, интервју, 5 мај, 1995)

            Покрај семинарите за хармонските основи на џезот, кој ги одржува во Скопје во 1977,1985, 1990, 1993, 1999 година, претежно на студентите од ФМУ, Пејовски одржува семинари и вон Македонија. Во 1987 година предава на Умбриа џез фестивалот во Перуџа (Италија). На покана на Алкис Батос од 1988 до 1991 год., станува визитинг професор на катедрата за џез на Солунскиот универзитет по предметите за синхроно аудио, џез композиција и аранжирање. Во 1990 год., Пејовски учествува на семинарот насловен како „за граничните вредности на музиката’’ во Ст.Гален Швајцарија, каде што предава за хармонските основи на џезот, а во рамки на семинарот одржува и интерен концерт. Во 2006 година е предавач на летната школа „Sound and vision’’ во Охрид, која е посветена на филмот и музиката.

            Семинарите кои Пејовски ги одржува овозможуваат совладување на џезот, можности за негово користење и изведување. Меѓу неговите ученици се вбројуваат и Живоин Глишиќ, Јана Андреевска, Панде Шахов, Евдокија Данајловска, Мирослав Спасов, Диран Тавитијан, Александар Пејовски и Владимир Николов (обајцата добитници на награда за најдобра џез композиција и аранжман за биг-бенд во Барга џез, Италија).

            Својот „официјален’’ работен век го завршува како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Штип, на одделот за џез студии каде предава кусо од неговото основање (2008/09) до 2011 година.

 

/images/st_magazine/portreti/harmon.JPG „Хармонски основи на џезот’’ - Илија Пејовски

 

            Желбата своето познавање на џезот да го пренесе на другите и едновремено да го направи тоа достапно за сите заинтересирани стручни лица или пак љубители на џезот, Пејовски го остварува со објавување на единствената книга од областа на џезот во Македонија, публикувана во 2001 година, насловена како „Хармонски основи на џезот’’. Книгата претставува симбиоза на неговите знаења не само од областа на џезот туку и филозофијата на неговото живеење:

            „Дали изворот тече затоа што е некој жеден или и без тоа. Ако треба да ја следиме природата и нејзините закони, тогаш човек треба да се стреми да биде извор, да го работи она што го сака.’’

            Оваа реченица, го заокружува малиот портрет на Илија Пејовски - Бас, скромниот креативен уметник кој со своето делување твори на почвата на Македонија. Неговото видување за музиката, џезот, животот го остварува скромно, зад очите на јавноста, творејќи во моментот, живеејќи сега ...слободно без ограничувања ... како џезот.

 

 

Библиографија:

 

- Димитровска, В. (1994). Тивкиот звук на големата музика. Во Нова Македонија. Скопје: НИП Нова Македонија

- Ивановски, В. (1975) . Спектар. Во Екран.Скопје: Нова Македонија, стр. 24-25

- Костадиновски, К. (1990). Од блузот до музичката авангарда.Скопје: Наша книга

- Новаковска, Е.(1996). Развој на џез музиката во Македонија (дипломски труд). Скопје: ФМУ. Ракопис

- Новаковска, Е. (1997). Џезот во Скопје. Во „Културен живот” : списание за култура, уметност и општествени прашања - специјален број: „За Скопје со љубов”. Бр.4/97. Скопје :  Културен живот, стр. 42-45 

- Новаковска, Е. (2001). Фолклорот и џезот: темата „Не си го продавај Кољо чифликот” низ композиторскиот ракурс на Илија Пејовски. Во „Музика”. Бр.8. Скопје: Друштво на композиторите на Македонија, стр. 69-76

- Новаковска, Е. (2001). Џезот во Македонија. Во „Македонска музика: реферати поднесени на седниците на музиколошката секција при Струшка музичка есен”. Бр.8. Скопје : Струшка музичка есен,  стр. 249-256

- Новаковска, Е. (2004). Појавата и развојот на забавната и џез музиката во Македонија.  „Музиката на почвата на Македонија од Атанас Бадев до денес: прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија”. Кн. 12. Скопје : МАНУ, стр. 241-251

- Орачев, Д. Интервју. 20 мај. 1995

- Пејовски, И. (2001). Хармонски основи на џезот . Скопје : СОКОМ

- Пејовски, И. Интервју. 20 август .1993

- Пејовски, И. Интервју. 05 мај .1995

 

 


[1]Магијата на музиката Пејовски ја почувствувал на 14-15 годишна возраст, а пресуден момент било добивањето на магнетофонот, што во тоа време бил вистинска реткост. На магнетофонот се наоѓала само една лента, а на неа композицијата „Dixy’’. По чест преслушување на „Dixy’ кај Пејовски се создава интерес за џезот. Тој поседувал талент, музиката која ја слуша, веднаш да ја репродуцира. Честото преслушување на лентите со џез музика силно делувале на само на свеста, туку и на потсвеста на Пејовски и како што се развивал така се повеќе навлегувал во областите на џезот.

„Почнав многу рано да го слушам Stan Kentot, Hi-Lo`s, Maynard Ferguson. Едно време почнав да ги симнувам на хартија, ја имав таа моќ...и да гледам дека тие хармонски склопови по нешто се разликуваат од оние што се учат во музичкото училиште, дури и во хармонските задачи ќе ставев некој таков елемент и барав од својот професор да ми објасни што е тоа, но не знаеа...тоа подоцна го дознав. Всушност школата ми беше тој магнетофон’’ - вели Пејовски 

[2] Членови на „Комбо’’ биле: Димитар Орачев - кларинет (музиколог и професор по пијано и кларинет во пензија во Музичкото училиште во Охрид ) ; Кирил Лазаров - труба (професор по труба во Струмица) , Лазаров бил заменет со Гоце Димитровски (трубач во биг-бентот на РТС и Биг-бендот на МРТВ); Милан Колев - тромбон (од оркестарот на Македонската опера ); Стојан Троицки - бенџо (директор на Макфест од Штип); Симе Фотев - бас (професор во Струмица); Дане Поповски - тапани (ТВ Белград  - Србија); Илија Шурев - пијано (продуцент во РТВ Љубљана - Словенија) . Повремено во „Комбо’’ свири и Илија Пејовски на тромбон.

[3] Членови на диксиленд составот биле: Димитар Орачев - кларинет; Јордан Трендафиловски - Нанче - труба; подоцна Нанче е заменет со Гоце Димитровски ; Илија Пејовски - Бас - тромбон; Љупчо Попоски - гитара наизменично со Љупчо Константинов - Мануела; Селман Пател - бас; Миле Лешчар - Тапани и Стефан Автовски - пијано

[4] Членовите на вокалниот квартет „АБЦД’’ не биле постојани , а меѓу дел од нив се вбројуваат и : Беба Петровиќ, Боро Пејчинков, Ламбе, Зафир Хаџиманов и Диме Поповски

[5] Во „Импулси’’ ќе продефилираат и: Василка Сиљановска, Јане Коџабашија, Бранка Тодевска, Панче Михајловски, Ружица Коџабашија,

[6]„Спектар’’ го сочинуваат  Илија Пејовски - хемонд органа, Константин Коце Икономов - гитара и вокал,  Димитар Ченков - бас, Кире Костов - труба, Димитар Поп-Панков - Папас -тапани

[7]           На Беркли Пејовски студира во класите на Mike Gibbs, Ken Polit, Herb Pomeroy, Barrie Nettles и Williams. Дипломира на одделот аранжирање во 1977 година, како најдобар студент во генерацијата со композицијата „Round midnight’’ .

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: