Успешен концерт и плакета за почесен член на младата пијанистка Инес Неделковска од Македонија во Бугарија

Младата пијанистка Инес Неделковска продолжува со успесите на меѓународните сцени. После победата на интернационалниот натпревар во Монте Карло и успешното претставување на концертите во Москва, како член на престижната светска фондација за млади таленти Владимир Спиваков од Русија, 12-годишната македонска пијанистка оваа година, во само еден ден, победи на два меѓународни натпревари во Италија (Наполи и Бари).

На 20 декември оваа година, Инес настапи како солист со АГБУ Камерниот оркестар од Софија, Бугарија. Таа веќе неколку пати има настапувано како солист со оркестарот на Македонската филхармонија, а сега за прв пат и со странски оркестар. Нејзиниот настап беше проследен со големо воодушевување од многубројната публика со бурни аплаузи и стоечки овации.

Диригент на овој концерт беше познатиот и искусен диригент Бедрос Папазјан, кој што после концертот со голема возбуда изјави: Во моето долгогодишно искуство како диригент и како директор на Софијската филхармонија, не само што сум воодушевен, туку неможам ни да верувам како е можно дванаесет годишно дете да го интерпретира овој комплексен концерт од големиот композитор Ј. С. Бах. Инес не само што го изведе овој концерт беспрекорно технички, туку покажа едно високо уметничко ниво, силна музичка мисла и многу голема зрелост. Во ниеден момент за време на концертот и на единствената проба која што ја имавме, немав чувство дека соработувам со дете, туку со зрел професионалец. Јас и предвидувам на Инес голема кариера, секако доколку продолжи да работи вака, а Македонија може да се гордее со ова дете.

Инес Неделковска е седмо одделение во ОУ "Лазо Ангеловски" и ДМБУЦ "Илија Николовски - Луј". Покрај настапите со Македонската филхармонија има освоено повеќе први награди на домашни и меѓународни натпревари. Оваа млада пијанистка е во класата на Нина Костова, вонреден професор  на Факултетот за музичка уметност - Скопје, а под менторство на истакнатиот педагог проф. Људмила Романова.

И како што вели самата Инес, успесите ги постигнува благодарение на нејзината постојаната желба за нови сознанија, огромната трудољубивост и посветеноста кон инструментот. Но пред се, заради огромната заложба и посветеност на нејзината професорка Нина Костова - Јаневска. Според неа, возбудата е преголема да се биде солист со странски оркестар и за прв пат да го изведе овој прекрасен концерт од Бах, за кој со нетрпение чека повторна можност да го интерпретира. Како што вели Инес, чувствувала огромна одговорност не само заради укажаната доверба од нејзината професорка, туку најмногу затоа што таа ја претставуваше Македонија.

На крајот на концертот, вистинско изненадување но и огромна чест за Инес беше кога диригентот и врачи Плакета за „Почесен член на Ерменската асоцијација во Бугарија“ за личен допринос во зачувувањето и развојот на културните активности на Ерменската заедница во Бугарија.

Ова е секако големо признание, не само за Инес и нејзината професорка, туку и за Република Македонија, како и доказ дека оваа млада пијаностка сигурно чекори по вистинскиот пат до успехот.

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: