Ин мемориам Pierre Boulez 1925−2016

Јулијана Жабева Папазова

 

„Музиката е лавиринт без почеток и без крај, полна со нови патеки за откривање кадешто мистеријата останува вечна

Пјер Булез

 

На 5.01.2016 година во Баден Баден на 90 годишна возраст почина Пјер Булез еден од најголемите или најзначајните композитори на современата музика. Освен како композитор Булез беше активен како диригент, пијанист и теоретичар, и воедно е доминантна фигура за инспирација во работата на поновите генерации на композитори или музичари.

Во  повоениот период  односно во периодот на градењето на современата музика во втората половина на XX век, Булез е еден од клучните композитори преку креирањето на новите авангардни стилови на компонирање-серијалната музика, алеаториката, надополнети со интензивно експериментирање и импровизација. Веќе во текот на 60-те години Булез добива интернационална репутација како композитор но и како диргигент пред се на современа класична музика.

 Булез е роден 1925 година во Монтбризон близу Лион. Освен што студирал музика тој студирал и математика. На крајот од Втората светска војна студира кај Месијан на Парискиот  Конзерваториум. Паралелно ја изучува додекафонската техника со Рене Либовиц кој бил ученик на Шенберг. Во 1954 година Булез организирал серија на значајни авангардни концерти наречени Concerts Marigny подоцна преименувани како Domaine Musicale. Неговите порани дела се под влијание на Месијан, 12-тонскиот систем и на одредени источно-азиски музички елементи.

Иновативните елементи на Булез се прикажани во композицијата Pli selon pli  (1957–1962), каде што изведувачите треба да се ориентираат преку постигнување константна свесност за структурата на делото. Во ова дело и во Сонатата за пијано бр.3 (премиерно изведена 1957),  Булез ја претставува алеаториката. Отворената форма на третата соната за пијано се создава под влијание и на проектот на поетот Маларме наречен Книги воедно и терминот алеаторика произлегува од воведот на Книгите.  Други важни композиции на Булез се: кантатата  Le visage nuptial (инпсирирана од поема на Рене Шар), каде што користи говорни глисанда, плачење, шепотење; Structures за две пијана; Poésie pour pouvoir  дело во кое Булез користи конкретна музика комбинирана со електрични звуци, потоа  Le Soleil des Eaux, (има повеќе верзии создадени меѓу 1948-1965), Le marteau sans maître, за ансамбл и контраалт,  Rituel in memoriam Bruno Maderna за камерен оркестар,  Répons за камерен оркестар, солисти и електроника кое се смета за прво важно дело креирано во институтот IRCAM.   Булез соработува и со музичари од областа на рок музиката како Френк Запа, заедно го креираат албумот Boulez Conducts Zappa: The Perfect Stranger (1984).

Како диригент Булез настапувал, односно соработувал со: Виенската филхрамонија, Оркестарот на ББС, Филхармонијата на Лос Анџелес, Берлинската филхармонија, а помеѓу 1971–1977 г., бил директор на Њуројшката филхармонија. Исто така, во Њујорк ја креирал неконвенционалната сцена за “rug concerts”, седиштата се ваделе и се дозволувало на публиката да си лежи и да слуша музика на порелаксиран и неформален начин. Во својата кариера како диригент редовно ги изведуваше делата на значајните композитори на XX век како: Шенберг, Стравински, Барток, Берг, Веберн и др. Булез е добитник на над 20 Греми награди.

Во средината на  70-те години, по покана на Француската влада Булез учествува во основањето на современиот музички центар наречен Институт за Истражување и Координација на Акустиката и Музиката - IRCAM лоциран во Помпиду центарот во Париз. Таму се основа ансамблот Intercontemporain кој ќе стане еден од најзначајните светски ансамбли за промовирање на современата музика.

Во 2004 година Булез ја основа Lucerne Festival Academy кадешто секое лето се собираат млади музичари  од цел свет за да  ја изучуваат современата музика преку семинари, проби и работилници.

Во творештвото на Булез припаѓаат и автобиографските дела: Relevés d’apprenti и Par volonté et par hasard , потоа теоретските дела: Penser la musique aujourd’hui, Points de repère,  Boulez on Conducting: Conversations with Cécile Gilly.  Дел од неговите писма се преведени и уредени од Роберт Самуел, објавени во Pierre Boulez and John Cage Correspondence.

 

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: