Повик до авторите за пристапување во СОКОМ-МАП

 

Почитувани автори на музичка дела,

 

Здружението за заштита на авторски музички права – СОКОМ-МAП e организација основана за колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права, а во согласност со Законот за авторското право и сродните права.

СОКОМ-МАП ги информира сите заинтересирани автори дека можат да пристапат кон организацијата со поднесување на пристапница. Сите автори кои ќе поднесат пристапница до 25 декември 2015 година, ќе имаат можност да бираат и да бидат бирани во органите на управување на Собирот на авторите кој ќе се одржи во наредниот период.

Во изминатите 2 недели, повеќе од 70 автори пристапиле во организацијата. Во меѓувреме е поднесено барање за издавање на лиценца за колективно управување до Министерството за култура на Р. Македонија.

Пријавата може да се подигне тука, а истата треба да се потпишана да се прати на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или да се достави лично во Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ на ул.Максим Горки 18 во Скопје, меѓу 9  - 15 часот. За повеќе информации може да се обратите на тел. 3119 824.

 

Во прилог се повеќе информации за СОКОМ-МАП.

 

Вклученоста на СОКОМ како еден од основачите на СОКОМ-МАП во досегашното остварување на заштита на авторските музичи права на територијата на Република Македонија

 

Организираната заштита на авторските права во Македонија, односно поранешна Југославија започнува веднаш по војната, во 1946 година со донесување на  Законот за заштита на авторските права од 25 мај 1946, и тоа најпрво со формирање на Заводот за авторско право како државен орган за цела територија на тогашна Југославија, за потоа да бидат формирани деловници во републичките центри.

Деловницата на Заводот за авторско-правно посредништво за Македонија својата работа ја започна на 1.2.1947 година водена и управувана од членовите на Сојузот на композиторите на Македонија (тогашно “Друштво на композитори на Македонија“) особено со голем ангажман на композиторите Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Веќе во мај 1947 е објавена Тарифата за наплата на авторски права.

Во 1950 година е укинат Заводот како државна установа, а заштитата е пренесена на Републичките здруженијата  на композитори. Републичките здуженија меѓу кои и тогаш Дрштвото на композитори на Македонија, со Спогодба го формираат СОКОЈ (Сојузот на компзитори на Југославија) во чие управување паритетно учествуваат сите Републички здруженија на композитори. На 01 ноември 1950 година под непосредно раководство на СОКОЈ започна со работа Заводот за заштита на авторските права (ЗАП).

На 1 ноември 1950 год. под непосредно раководство на Сојузот на композитори на Југославија започна со работа Заводот за заштита на авторските права (ЗАП). Од овој датум започнува и активниот и одговорен ангажман на Сојузот за адекватна заштита на авторскиот труд на неговите членови. Бидејќи другите сојузи не беа подготвени да организираат заштита, Сојузот на композиторите ја презеде заштитата и за писателите, ликовните уметници и авторите од областа на применетата уметност. Новоформираниот завод врши заштита не само на малите туку и на таканаречените големи права .

Со оваа реорганизација повторно дојде до формирање на Деловници во сите републики меѓу кои Деловницата за Македонија (освен во СР Црна Гора). Грижата за работата на деловниците падна врз републичките здруженија.

Истовремено се склучени договори за реципрочна заштита со повеќе странски авторски друштва: ГЕМА – Западна Германија – 1954, САЦЕМ – Франција – 1954, САБАМ – Белгија – 1954, ПРС – Англија – 1955, БУМА – Холандија – 1956, СУИСА – Швајцарија – 1957, итн.

Во 1965 година ЗАМП се конституира како самостојна установа што врши перцепција и собирање на програмите на изведени дела, а Сојузот ја врши распределбата на авторските хонорари и заштитата на правата на механичката репродукција. Односите меѓу Сојузот и ЗАМП се регулирани со Самоуправната спогодба.

Од 1990-1993 година со распаѓањето на  југословенска федерација  што  неминовно се одрази и врз реализирањето на авторско-правната заштита на нејзината територија. Сојузот на композиторите  на Македонија влечеше, понекогаш и во изнудица, единствено можните потези за да не се наруши континуитетот на заштитата и што е можно поефикасно да се амортизираат негативните ефекти од економската и политичката хаварија. Во таа смисла, а согласно со остварувањето на државниот интегритет и суверенитет на нашата земја, ја презеде комплетната заштита на авторските музички права на територијата на Република Македонија:

- Во 1992 година ја започна и во рекордно време за неколку месеци  ја реализира    со големо залагање и користејќи ги личните контакти  на тогашниот Претседател на СОКОМ проф. д-р Тома Прошев ја заврши постапката за зачленување во конфедерацијата на светските авторски друштва – ЦИСАК со седиште во Париз  под уставното име на Р. Македонија. Исто така, во соработка со надлежните државни органи ја иницираше постапката за материјално-правно разграничување со поранешниот СОКОЈ;

- Ја обезбеди целокупната база на податоци на автори и дела од поранешниот СОКОЈ;

- Во соработка со ЦИСАК и посебно швајцарската  СУИСА (каде беа испратени на обука идните вработени),  изработи сопствен софтвер за обработка на податоците;

- Во соработка со ЦИСАК обезбеди како донација информатичка опрема;

На планот на внатрешното организирање со формирањето  ЗАМП како Работна заедница на СОКОМ покрената е постапка за трансформација на ЗАМП при што појдовна платформа е тенденцијата за демократизација на авторксата музичка заштита со вклучување во тој процес на сите автори од нашава земја, без оглед на нивната жанровска припадност;

Од 1998 година кога со Законот за ЗАПСП на Република Македонија се предвиде дека за оваа дејност може да ја извршува ново формирано Здружение формирано за извршување само на оваа дејност, со што де-факто и де-јуре е одземена можноста  СОКОМ да продолжи да ја извршува оваа дејност. Нашите сугестии дека тоа е во спротивност со позитивната практика кај други сродни организации и дека тоа нема да даде никави подобрувања туку напротив ќе предизвика бројни проблеми (што се повеќе се потврдува), не беа прифатени од надлежните институции.

СОКОМ беше задолжен со Спогодба да ги префрли на новото Здружение сите права (членство во ЦИСАК, меѓународни договори), основни средства (информатичка опрема, софтвер, базата на податоци, средствата по основ на наплата и сл.).

 

Кои се причините за формирање на Здружението за заштита на авторски музички права – СОКОМ-МAП

 

Се со цел да ја истакнеме инволвираноста на СОКОМ во формирањето и реализацијата на организираната заштита на авторските музички права во Македонија, непобитно е значењето и искуството на СОКОМ во минататото во областа на заштитата.

По префрлување на сите права на ЗАМП, СОКОМ индиректено учествуваше во управувањето на ЗАМП преку своите членови чии број со текот на времето стана се' помал во органите на управување поради статутарните промени во кои принципот на паритетност беше нарушен. По повеќегодишните обиди да се воведат промени во актите на ЗАМП. а особено Правилникот за распределба во кој беше нарушен односот на бодирање на делата и кој не соодветствува со ниту еден европски Правилник, членовите на СОКОМ донесоа одлука колективно да го откажат членството во ЗАМП и понатаму да пронајдат нови форми на делување во рамките на законски можности и во согласност со европските норми.

Со формирање на ново здружение кое би добило лиценца од Министерството за култура, длабоко сме убедени дека СОКОМ-МАП ќе има можност да делува активно и конструктивно, да овозможи поголема контрола и отчетност на работата на организациите за колективна заштита, со цел да се спречат било какви злоупотреби на средствата на авторите, а со тоа позитивно да влијае врз целокупната заштита на авторите и корисниците.

 

Основните цели и задачи на Здружението за заштита на авторски музички права – СОКОМ-МAП

 

Здружението за заштита на авторски музички права – СОКОМ-МAП (во натамошниот текст: Здружението) e организација која се основа за колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права, а во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во понатамошниот текст: ЗАПСП), Статутот и Општите акти и тарифи на здружението. 

Здружението е основано со Решение на Централниот регистар на Република Македонија Бр.30120150025122 од 03.11.2015 година. Оснoвачи на Здружението се  Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ како правно лице и 4 (четири) физички лица носители на авторски музички права.

Согласно ЗАПСП, член на СОКОМ – МАП може да биде секој автор – носител на права, колективно управувани од Здружението, државјанин на Република Македонија, кој има седиште во Република Македонија, односно живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија кој доброволно ќе стапи во СОКОМ - МАП и кој ќе прифати да ги остварува целите и задачите на СОКОМ – МАП утврдени со овој Статут.

Согласно ЗАПСП, како автор – носител на музички права се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, односно наведен на неговите примероци при објавувањето на делото, додека не се докаже спротивното.

Согласно ЗАПСП, авторите – носители на музички права ги имаат следните права:

- морални,

- исклучиви материјални права и

- други права определени со овој закон

 

Дали авторите кои ќе пристапат кон СОКОМ-МАП и понатаму ќе добиваат приходи од ЗАМП?

 

Согласно ЗАПСП, ЗАМП е единствена организација која во моментот поседува лиценца за колективно управување на авторските музички права а по сила на закон е должен да врши наплата од корисниците и исплата на авторите. Со пристапување кон СОКОМ-МАП, сите автори и понатаму ќе добиваат средства од ЗАМП.

СОКОМ-МАП не ги ограничува своите членови да членуваат и во други организации. Но, се надеваме дека со поголем број на членство, СОКОМ-МАП ќе добие соодветен легимитет пред  државните институции, лиценца за колективно управување, а неговите членови соодветно и конструктивно да учествуваат во креирање на политиката за заштита на авторските права.

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: