Жирито импресионирано од изведбата на фолклорните дела

Ангелина Димоска

Во мојата четириесет и петгодишна работа на светските хорски музички сцени, настапувајќи со детските хорови „Изворче“ и „Развигорче“, со Женскиот младински хор и со женскиот хор „Рустико“, секогаш значаен дел од репертоарот го сочинувале композиции на теми од нашиот фолклор создадени од македонските автори. Нашата интерпретација на овие дела кај публиката секогаш предизвикувала бурни реакции, во одредени моменти и овации, а жиријата секогаш ги вреднувале со највисоки оценки, вели Запров.

Голем успех на женскиот хор „Рустико“ во Италија

Женскиот хор „Рустико“, под уметничко раководство на маестро Запро Запров, се закити со златен медал на меѓународниот натпреварувачки хорски фестивал „Ин... канто сул гарда“, кој единаесетти пат се одржа во малото живописно гратче Рива дел Гарда, на северниот брег од езерото Гарда, Италија, во периодот од 10 до 14 октомври.
Хорот се натпреваруваше во фолклорната категорија за женски хорови, а настапот доби највисоки оценки од жирито. Во фолклорната категорија беа изведени дела од македонски автори: Драган Шуплевски - „Дафино, вино црвено“, Стојан Стојков - „Селска свита“ и Александар Лековски - „Кољо гидија“. Во рамките на фестивалот, „Рустико“ се претстави со неколку пријателски концерти пред италијанската публика, на кој изведе жанровски различни композиции од својот богат репертоар.

Жирито воодушевено од делата на македонските композитори

Маестро Запро Запров е исклучително задоволен од настапот во Италија, од реакциите на публиката и на жирито, кое им го додели златниот медал што се доделува само на еден од хоровите-учесници на натпреварот.

- Оваа награда се надоврзува на 120-те (67 меѓународни и 54 државни) награди и признанија на студиото „Рустико“, од кои осумнаесет еднократно доделени награди - гран-при, сума цум лауде, генерална награда, „златна вила“... На овој фестивал во Италија хорот настапи и во делот на пријателски, ненатпреварувачки, кои беа проследени со видливо воодушевување од публиката и од жирито. Членовите на жирито беа воодушевени од квалитетот на хорот, беа едногласни дека станува збор за вокален ансамбл со неверојатна хорска дисциплина и комуникација диригент - хор, вокална култура, интонација, уметнички израз, репертоар, сценска култура - вели Запров.

Особен впечаток им оставиле композициите од македонските автори што хорот ги изведе во натпреварувачкиот дел.

- Членовите на жирито истакнаа дека иако не го познаваат доволно нашиот фолклор, во нашата уметничка интерпретација се почувствувала посебноста на мелодиско-ритмичкото и хармонско фолклорно богатство, кое композиторите мајсторски го вградиле во своите дела. Имаше одлични реакции и оценки и за мојата композиција „Ливада“ за хор, дванаесет солисти, соло-кавал и неконвенционален инструментариум (коси, чекани, наковални, камења, големи и мали ѕвончиња), која беше изведена во натпреварувачкиот дел. Рохан де Ланероле, член на жирито од Шри Ланка, рече дека првпат во неговата кариера слушнал такво импресивно дело - раскажува Запров.

Секогаш кога изведуваат дела од македонски автори, тие одлично се прифатени од публиката и од жиријата што ги оценуваат нивните настапи.

- Во мојата четириесет и петгодишна работа на светските хорски музички сцени, настапувајќи со детските хорови „Изворче“ и „Развигорче“, со Женскиот младински хор и со женскиот хор „Рустико“, секогаш значаен дел од репертоарот го сочинувале композиции на теми од нашиот фолклор создадени од македонските автори. Од сите настапи носам само пријатни доживувања. Нашата интерпретација на овие дела кај публиката секогаш предизвикувала бурни реакции, во одредени моменти и овации, а жиријата секогаш ги вреднувале со највисоки оценки - вели Запров.

Има хорски дела - нема доволно ансамбли

Изборот на хорски дела од домашни автори, според него, не е многу голем, но е сосема доволен ако се земе предвид колку хорски ансамбли има во земјава.

- Хорското творештво и хорските ансамбли се меѓусебно зависни, односно меѓусебно се мотивираат и од тој однос, условно кажано, произлегува и бројот, па и квалитетот на композициите. Македонските композитори Ристо Аврамовски, Властимир Николовски, Стојан Стојков, Александар Лековски и Тома Прошев, инспирирани од мојот репертоарски пристап и квалитетот на моите ансамбли, специјално компонираа околу 20 дела за нас. Најголем дел од нив, по својот квалитет, со сета морална и стручна одговорност, ги ставам на самиот светски врв на хорската литература - вели Запров.

Овие дела, освен ансамблите од хорското студио „Рустико“, ниту еден друг хор во земјава не ги извел.

- Причината за недостигот на хорски композиции може да се припише и на многу малиот број хорски ансамбли. Во Македонија, ако се тргнат настрана училишните хорови и двата хора при Факултетот за музичка уметност, во овој момент дејствуваат околу единаесет поквалитетни хорски ансамбли - еден детски, пет женски и пет мешани, што е многу мал број во однос на процентот на населението, споредено со другите држави во светот. Освен Оперскиот хор, Македонија нема други професионални хорски ансамбли, што е несфатливо - вели Запров.

Избрани за директно учество во големото финале

Женскиот хор „Рустико“ од уметничкиот одбор на фестивалот во Италија бил номиниран за учество на натпреварот „Лауреа мунди Будапест“ во Унгарија, кој ќе се одржи во јуни 2016 година.

- На фестивалот во Италија бевме апсолутни фаворити за освојување на Гран-прито, што значи нашиот квалитет беше препознаен, но потоа не знам од кои причини наградата отиде во други раце. За среќа, фестивалот има и уметнички одбор, кој независно од жирито одлучува кој ансамбл ќе учествува на големото финале во Будимпешта. Како што ни кажаа, досегашната практика била само носителот на Гран-прито да учествува на овој натпревар. Но тие решија и женскиот хор „Рустико“ да учествува. Ако обезбедиме пари и го реализираме учеството, се надевам ќе ја оправдаме довербата што ни ја укажа фестивалот со нивната одлука со уште поголем успех - вели Запров.

 

 

Текстот е преземен од www.novamakedonija.com.mk

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: