И во Македонија може да си примадона (Интервју со Весна Ѓиновска - Илкова, оперска певица)

Марија Зафировска

Првенката на Операта при Македонската опера и балет сопранот Весна Ѓиновска - Илкова е актуелна по улогата на Леди Магбет во операта "Магбет", со која се отворија годинешните Мајски оперски вечери. Ѓиновска - Илкова ги собра симпатиите од критиката и од публиката, зашто и самата најави дека оваа улога ја чувствува како своја, и тоа го докажа на сцената - таа, едноставно, уживаше.

Безмалку 20 години таа е член на МОБ, а од 2007 година е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност. Зборуваме со отворена, пријателска и топла личност, енергичен, вистински професионалец и вљубеник во животот и во музиката. Професорки на Весна Ѓиновска - Илкова беа примадоните Милка Ефтимова во Скопје и Радмила Бакочевиќ во Белград. Во нејзината кариера стои соработката со светскиот сопран Рајна Кабајванска и со маестралната Полина Цернева. Настапувала во Бугарија, Данска, Русија, во Италија, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија и во Македонија на сите значајни фестивалски настани.

На 9 мај кога, традиционално, се отвораат Мајските оперски вечери, годинава се случи вооружена борба во Куманово меѓу македонската полиција и терористички групи. Денот беше мрачен, а Весна вели дека ово 9 мај, кога загинаа луѓе, за неа останува најтешкиот ден во животот, но, сепак, таа со нејзината асистентка, која е од Куманово, со солзи, ја имаа својата премиера, која долго ја подготвуваа.

Почитувана Весна, искрени честитки за Леди Магбет, како сте по премиерата, ги сумиравте ли впечатоците?

- Ви благодарам. Леди Магбет е една од најтешките улоги за драмски сопран, не само во драмска смисла туку и во музичка. Сметам дека секој глас како мојот би требало да ја има во репертоарот. Долго ја посакував, долго размислував за неа. Пред повеќе од 10-ина години имаше обид за една продукција, но мислам дека сè уште не бев доволно подготвена за неа. Бев сè уште во спинто репертоарот, практично, по "Турандот", ова е втората голема драмска партија во овој вид литература.

Луѓето досега ме препознава по главните улоги во "Мадам Батерфлај", "Тоска", "Аида", во "Симон Боканегра", по Лиу во "Турандот", но некако од 2009 година, почнав да мислам на "Магбет", и во јануари, со двете раце ја зедов оваа тешка партија. Предизвикот е голем, зашто партитурата е исклучително музички и технички тешка. Во неа се вткаени сите предизвици на еден сопран - од колоратура до една убава фраза, голем распон во краток сегмент од музичкото дејство. Има места каде што за помалку од некоја минута имам да се качам и до две октави погоре. Сериозно $ пристапив на самиот почеток. Треба да се каже дека, покрај музичкиот, има и многу говорен текст. Имаше секвенци кои ми беа познати, но имаше и пасажи кои ретко сум имала можност да ги изведувам, како колоратурите.

Пред да ја прифатам улогата, во март заминав во Виена, на консултација кај диригент од Штац операта. Тој ми укажа на традициите, ми олесни, ме охрабри и ме поддржа да одам натаму со подготовките. Продолжив со силно темпо до самата премиера.

Леди Магбет е и психолошки комплициран лик, како го совладавте карактерот, колку вие сте подготвена на бескрупулозноста на Леди Магбет?

- Улогата бара многу брза промена на емотивниот карактер, а мојот личен карактер не содејствува со неа. Ликот има брзи промени, за да се долови нејзината желба за власт, да се отслика нејзината поддршка за нејзиниот сакан Магбет, зад тоа стои и нејзината потреба да биде центар на вниманието. Беше тешко зашто во приватниот живот ниту сум желна за власт ниту желна за внимание, напротив. Многу други нешта ставам пред моите потреби. Единствено нешто што имаме заедничко со ликот се амбицијата и непоколебливоста. Леди Магбет дури на крајот, во сцената со сомнабулизмот, се враќа на сите гревови кои ги направила, но јас како Весна, фала богу, можам мирно да спијам, зашто мислам дека никому не сум наштетила. Дури за време на подготовките, режисерот (Џанлука Мартиненги од Италија, н.за.) ме опоменуваше да бидам со покрената глава, посамоуверена, зашто по природа сум јас таа што заштитува, а не што повредува.

Велат дека ова е зрел Верди, што би значело тоа, и зошто, првпат во историјата, сега се поставува "Магбет" кај нас?

- Да, во ова дело има призвуци од сите негови поранешни дела. Работејќи на партитурата, музиката ме враќаше на "Травијата", на "Бал под маски", "Аида", ме враќаше на убави настани. А ликовите многу бараат, па дали е тоа причината што досега сме ја немале на репертоарот, не знам, зашто имаме добри пејачи. Мислам дека е до репертоарната политика. Ова раководство, што го почитувам, еве има тенденција да поставува големи дела на сцената. Сигурно претходните раководства имале друга политика.

И режијата беше ултрамодерна за наши услови што, исто, наиде на позитивен прием.

- Првпат учествувам во ваква поставка, со комплетно модерни костими (Раде Василев, н.за.) и сценографија (Мауро Тинти, н.за.). Сето заедно ме направи да се чувствувам премногу слободна и своја. Уживам, ослободена од стилските костими, и во музиката, во хорските делници, и со партнерот Борис Трајанов, со кого имам исклучително разбирање и соработка. Задоволна сум зашто ансамблите во оваа продукција дишат со иста енергија, што публиката го препозна.

Се подготвувате за Бугарија, за каков настап се работи?

- На 9 јуни ќе имам рецитал на фестивалот "Борис Христов" во Софија. Ова е втор мој рецитал сезонава, по оној во Њујорк, а третиот е планиран за годинешното Охридско лето, во јули. Подготвувам комплетно нов репертоар за секој рецитал, што зависи од расположението. Поседувам огромна музичка литература за вакви пригоди, па не ми претставува проблем изборот на програмата.

Постојано работите, а имам чувство како ретко да ве гледаме?

- Можеби тоа е поради малиот број претстави на редовниот репертоар. Мислам дека ни фали позгуснат репертоар, зашто и кондицијата на пејачите се одржува преку претставите. Жално е што има колеги кои, поради реткиот број претстави, не ни стигнуваат да стапнат на сцената. Концертите се основна одлика на целокупниот имиџ на оперскиот уметник, различна форма од претставите, форма со поинаква тежина каде што уметникот презентира повеќе епохи, различни стилови. Статични се во формата, и помалку атрактивни, но се дел од профилот на еден уметник.

Колку време во денот пеете, колку вежбате?

- Обично индивидуално пеам - вежбам во раните утрински часови, потоа денот ми продолжува со различни техники на ФМУ, а попладневни часови ми се одредени за работа во Операта.

Како го избирате репертоарот, имате ли некоја тактика?

- Апсолутно внимателно. Јас не работам од денес за утре. Мојата кариера сум ја зацртала да трае до позрели години, и во таков случај, репертоарот мора многу паметно да се избира. Не е само да се наплати работата, има нешто што е многу побитно, а тоа е долговечноста, свежината во гласот. Колку и да имаш финансии, колку и да имаш кариера, колку и да си познат, на крајот на денот ти пак сакаш да пееш. Желбата е таа што е водилка низ кариерата, тоа е мојот сон - колку можам подолго да издржам на сцената.

А како го негувате гласот?

- Со работа. Работата е единственото нешто што го одржува во континуитет оперскиот пејач. Се разбира, има и одрекувања, особено пред претстава. Има периоди кога знам да бидам ригорозна кон себе, да се откажувам од помалку важни настапи зашто, едноставно, не е можно сè да се постигне во исто време. Фокусираноста е дел од решението за сите дилеми.

Во вашата кариера, покрај оперските претстави, присутни сте на разни видови концерти. Како гледате на настапи од типот на Василичарскиот концерт, кога пеете популарни песни, или кога пеете арии на композиции на Тоше, или изведувате песни од Адел?

- Пријатно се чувствувам, релаксирачки. Пред сè, поради тоа што технички за мене таквите настапи не се изискувачки. Естрадните уметници ме релаксираат и со нивниот начин на однесување, поопуштени се, па така тие дружби ме одмораат. Секако дека има многу нешта што јас како оперски уметник не ги знам, па ги учам од нив, подготвувајќи ги тие настапи. Интересно е.

Кога сме кај долговечноста во кариерата, што научивте од примадоната Бакочевиќ, вашата професорка од Белград?

- Ги научив филозофијата и стилот на живот. Професорката Радмила е од старата гарнитура оперски примадони, па кога ќе седнеме да дискутираме за некоја улога, за некоја претстава, таа во само неколку секвенци ми ја олеснува работата. Научив дека од нас самите зависи нашиот живот, како ќе одредиш да живееш. Мојата девиза е дека нема реприза и оти во животот треба да го одживееш секој момент. Да не се подведуваме на базични дневни основи туку да гледаме подалеку. Затоа можеби и уметникот е различен од другите луѓе, има друга димензија на гледање на нештата.
Јас уживам со моето семејство, со моите најблиски, од кои имам голема поддршка. Сопругот и двајцата синови Ведран (16) и Борјан (12). Ако трчаме по амбиција и по кариера, може да ги пропуштиме најважните настани од животот на нашите најблиски, и потоа да е доцна.

Може ли во Македонија да се живее живот на примадона?

- Тоа повторно зависи од самата личност. Ако си го замислиш живот како примадона, не е важно каде се наоѓаш, па и во Македонија да си, можеш да живееш какао примадона. Некој може да е топ еден и да живее во Њујорк, а да не се чувствува како примадона. Тоа е индивидуално, внатрешно чувство.

Јас се чувствувам горда на својата работа. Нема да останам мирна ако со својата работа прво себеси не се задоволам. Понатаму публиката и сите останати. Се чувствувам како реализиран уметник.

Кога е зенитот на една кариера?

- За мене е апсолутно рано да зборуваме за зенит. Велат дека кога уметникот оди накај 55. година од животот, се движи накај врвот, јас имам уште десетина години (се смее).

Сте настапувале во многу земји, и едно време се говореше за ваша интернационална кариера, што стана, дали е тоа многу комплицирано?

- Не, не е комплицирано. Јас 15 години живеев со торбата спакувана за на пат. На долги, на кратки релации, брзи промени на сцените во Копенхаген, Осло, во Русија, но одлучив дека сакам да бидам жена. Уживам во улогата на жена, во вистинската смисла на зборот. Секој има своја филозофија на живеење. За градење светска кариера потребна е жртва на сметка на семејството, не може да си успешен врзувајќи го семејството до себе. Тешко е да се одржи баланс во сите димензии на живеењето. Кога ќе одлучиш која е твојата цел, тогаш си поспокоен.

Многу луѓе ме прашуваат, па зошто Весна остана во Македонија. Одговарам, зашто сакам овде да живеам, овде е мојата љубов, јас сум патријархално воспитана. Имало моменти кога сум сакала да си отидам, но не сум дозволила тоа да надвладее. Сакам да имам квалитетен живот. И имам. Така го трасирам, и задоволна сум. Исто така, ме прашуваат, кога пак би имала можност да избираш, што би избрала, истото, велам.
Сметам дека сум реализирана личност и поради добрата организација. Роковникот ми е полн до најситни детали. Реков, одлучна сум и непоколеблива, веројатно наследено од моите родители.

 

 

Текстот е преземен од www.vest.mk

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: