Ги урнавме бариерите дека пејачите треба да стојат и да пеат

Ивана Нолчева

Точно пред десет години дебитирав со улогата на Асија во операта „Лидија од Македонија“ на композиторот Ристо Аврамовски. Сега повторно настапив во македонската опера „Змејовата невеста“ и ова е еден мал јубилеј на кој сум особено горда, вели сопранистката Стојановска, која со улогата на Милка ја освои публиката.

КАТЕРИНА СТОЈАНОВСКА, ОПЕРСКА ПЕВИЦА

Силни аплаузи и стоечки овации од публиката доби сопранистката Катерина Стојановска за улогата на Милка во долгоочекуваната премиера на македонската опера „Змејовата невеста“ од композиторот Стојан Стојков. Оваа млада оперска певица по дипломирањето во 2005 година на ФМУ во Скопје во класата на Марија Муратовска-Наумовска, се вработи во МОБ и истата година дебитира во улогата на Асија во операта „Лидија од Македонија“ од композиторот Ристо Аврамовски. Стојановска досега остварила многу улоги, меѓу кои повпечатливи се во „Волшебната флејта“ како Папагена, во „Трубадур“ како Инес, во „Свртување на шрафот“ во улогата на Мајлс, во „Травијата“ како Флоеа, потоа во „Дон Џовани“ како Церлина, како Марика во детската „Јованче и Марика“, во „Кармина Бурана“...

„Змејовата невеста“, очекувано, привлече многубројна публика, особено од музичкиот живот. Во ова колоритно музичко-сценско дело доминира фолклорот, а спакувано е со врвна продукција, режија, сценографија, костими... Какви се вашите впечатоци по премиерата, задоволна ли сте?

- Премиерата помина, впечатоците сѐ уште се силни. Работевме многу напорно, хорот, балетот, оркестарот, солистите - буквално сите дишевме како еден на сцената. Тоа е и заслуга на добрата енергија на режисерот Дејан Пројковски, кој заедно со нас од утро до мрак работеше во креирањето на улогите. Нѐ натера да гледаме на нив на поинаков начин, да им дадеме друга димензија, да излеземе од стандардите и заедно со сценските движења на кореографката Олга Панго да ги урнеме бариерите дека пејачите треба само да стојат и да пеат. Маестро Ѓумар, пак, ни помогна да ги дооформиме музички, со одредување темпа, вокални фрази и начин на изведување. Морам тука да ги спомнам и прекрасните костими на Марија Пупчевска и волшебната сценографија на Валентин Светозарев, кои направија перфектна визуализација на операта. На крајот, аплаузот покажа дека претставата беше успешна.

Улогата на Милка беше најизискувачка, но вие мошне сигурно ѝ пристапивте на задачата. Како се одвиваше процесот на креирање на улогата, ви беше ли предизвик?

- Нормално дека ми беше предизвик, бидејќи улогата на Милка е многу комплексна за изведба. Буквално почнав од ништо, немав претстава како ќе звучи кога ми ја дадоа партитурата, бидејќи станува збор за праизведба и ја нема на носач на звук. Вокално е многу тешка, бидејќи е напишана во многу голем опсег, некои делови се многу ниски за еден сопран и на одредени делови беше тешко да се чујам од оркестарот. Во вториот чин има многу поинакви и повисоки делници, што на сопранот полесно му овозможува да го совлада звучно оркестарот. Текстот, пак, беше претежок за изговорот на одредени високи тонови, оти македонскиот јазик е покомплексен за пеење во споредба со, на пример, италијанскиот.

Вашето оперско деби беше со улога во македонска опера. Една деценија подоцна, МОБ постави национална опера, каде што вие ја имате носечката улога, а со неа на некој начин одбележувате и јубилеј во МОБ...

- Да, точно пред десет години дебитирав со улогата на Асија во операта „Лидија од Македонија“ на композиторот Ристо Аврамовски. Сега повторно настапив во национална опера и ова е еден мал јубилеј на кој сум особено горда. Кога медиумите почнаа да најавуваат дека по една деценија се изведува македонска опера, сфатив всушност дека поминале десет години, што за мене значи многу работа и вложен труд и околу 19 улоги на сцената на Македонската опера и балет.

Во „Змејовата невеста“ преовладува млада солистичка екипа. Дали им се отстапува доволно простор на младите солисти кај нас?

- Па, мислам дека им се дава шанса на сите, за секој млад пејач има по нешто. Нормално, со текот на годините и развојот тие самите ќе се покажат, но дирекцијата на МОБ е отворена за соработка и секому му се дава шанса за работа. Убаво е да се има конкуренција, затоа што секој ќе се труди повеќе и квалитетот ќе биде поголем.

Како, всушност, го пронајдовте патот до оперската сцена и кариера, со оглед на фактот дека операта е специфичен музички жанр?

- Никогаш не мислев дека денес ќе работам во Македонската опера и балет. По нижото музичко, каде што свирев пијано, се запишав во средното музичко училиште, на одделот за музичка теорија и педагогија, а како втор изборен предмет имав соло-пеење кај професорката Ѕвезда Мирчевска. Откако завршив прва година, Мирчевска ме седна и ми предложи да продолжам на одделот за соло-пеење. Така и направив. Потоа се запишав на Факултетот за музичка уметност, во класата на Марија Муратовска-Наумовска и додека студирав сѐ уште не ми беше јасно дека потоа треба да работам во опера. Сѐ што сакав е само да пеам. Убаво се сеќавам дека кога првпат отидов на претстава и влегов во театарот реков - јас оттука не излегувам!

Какви се вашите планови за во иднина?

- Наредни планови се реприза на операта „Змејовата невеста“. Потоа ќе се подготвуваат „Мајските оперски вечери“, на кои традиционално гостуваат солисти од странство, а за понатаму се надевам дека ќе имам други ангажмани.

Би сакала да имаме што повеќе продукции, повеќе улоги и соработки со нови режисери и диригенти, каде што се стекнуваме со нови знаења и искуства.

 

 

Текстот е преземен од novamakedonija.com.mk

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: