Настапите на хорот „Пиколо“ се водич кон духовни убавини

Во далечната 1988 година, со вработувањето како професорка по предметот солфеж, во државниот музичко -балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, во Скопје, ми се наметна идејата, од децата-ученици во основниот оддел, на возраст од 6 до 14 години, да формирам детски хор, кој набргу го доби името „Пиколо“. И, за среќа, мојата приказна со хорот „Пиколо“ сѐ уште трае, вели Весна Димчевска.

Средба со Весна Димчевска, музички педагог, диригентка и пријателка на децата

Пиколо (piccolo) е италијански збор што означува нешто малечко, но и мала флејта (pikolo), а токму така се вика и детскиот хор што веќе 26 години постои под закрилата на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје.

- И дечињата што се дел од ова хорче се мали, но сите нив ги поврзува големата љубов кон музиката и хорското пеење што се трудам да им ја пренесам - вели Весна Димчевска, музички педагог и диригентка на „Пиколо“.

Таа, како голем пријател на децата, но истовремено и голем ентузијаст и професионалец, во хорот е од самите почетоци, всушност Димчевска е иницијатор за неговото формирање и успешно растење сите овие години.

Последниот настап со кој „Пиколо“ ја одушеви публиката беше на неодамнешниот „Божиќен концерт“ во Македонскиот народен театар, каде што во придружба на Македонската филхармонија ја испеа вонвременската „Аве Марија“. Убав повод за средба со Димчевска, на која таа ни раскажа како ја засакала хорската музика, за педагошката, но и за уметничката работа и за ангажманите на хорчето „Пиколо“, за кое сите велат дека е гордост на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Кога почна вашата приказна со хорот „Пиколо“?

- Во далечната 1988 година, со вработувањето како професорка по предметот солфеж, во државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, ми се наметна идејата, од децата-ученици во основниот оддел, на возраст од 6 до 14 години, да формирам детски хор, кој набргу го доби името „Пиколо“. И, за среќа, мојата приказна со хорот „Пиколо“ сѐ уште трае.

Кој ве охрабри да ја реализирате оваа амбициозна идеја?

- И самата своето основно и средно образование ги стекнав во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а високо образование на ФМУ, на отсекот за музичка теорија и педагогија. Неколку години бев членка на хорот при МРТВ, под раководство на проф. Драган Шуплевски, кој е и главниот поттикнувач на мојата желба, подоцнежна определба, откако ќе се вработам, 1988 година, како професорка по предметот солфеж во ДМБУЦ „И.Н. Луј“, да го формирам и детскиот хор „Пиколо“.

Вашето работно место уште од самиот почеток покрива две дејности: педагошка и уметничка. Дали сте задоволна од сработеното досега?

- Секако. Доказот за успешноста од педагошката работа, во областа на предметот солфеж, се рефлектира преку големиот број завршени генерации, кои своето знаење го докажале на разни форуми, приемни, натпревари... Вклучена сум и во подготвување на наставните програми во Бирото за развој. Исто така, рецензентка сум на неколку учебници од областа на предметот солфеж. Што се однесува до уметничката дејност, односно работата со хорот „Пиколо“, постојано добиваме позитивни критики објавени во јавните гласила.

Кои моменти (успеси, настапи, награди...) од вашиот досегашен ангажман би ги издвоиле?

- Настапи има многу, ќе споменам само некои од нив. Досега сме одржале самостојни целовечерни концерти во рамките на манифестациите: „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Дојрански ракувања“, „Денови на македонска музика“, а сме имале и неколку целовечерни концерти во Северна Вестфалија, Германија. Бевме специјални гости на концертната дејност на Факултетот за музичка уметност, каде што заедно со студентите го изведовме ораториумот „Радомировиот псалтир“ од композиторот Димитрије Бужаровски. Учесници сме на многубројни значајни манифестации во земјава, меѓу кои и на: „Мировна конференција“, „Денови на Јапонија“, „Денови на Италија“, на отворањето на американската амбасада во Скопје... Со нашите настапи учествувавме на настани со кои се одбележаа разни јубилеи на културни и други институции, а остваривме соработка со повеќе државни институции како: Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, јавните медиумски сервиси во државата... На голем број аудио-видеозаписи, интервјуа и гостувања се забележани нашите настапи и соработки со познати уметници од земјава и од странство.

Успесите на „Пиколо“ станаа дел и на научни расправи. Колку тоа е поттик за вас, како професионалец?

- Како уметник, секогаш го ценам мислењето на компетентните, кои имаат став за мојата работа со хорот. Многу ми е драго што „Пиколо“ е веќе предмет на стручна расправа на разни конференции. За тоа придонесуваат репертоарот што го избирам за хорот, оригиналноста на изведбата на која инсистирам, педагошко-уметничкиот пристап кон осознавање на структурата, епохата, содржината, кој неосетно го вшприцувам во убавите детски глави. Така ќе биде и во иднина.

Но очигледно е дека ја имате поддршката и од колегите во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кои велат дека „Пиколо“ е гордост на центарот. Колку ви значи тоа?

- Па, да бидам искрена, многу ми значи поддршката од колегите, која не изостанува. Точно е, ангелите од „Пиколо“ се наши ученици и зaедно учествуваме во креирањето на нивната личност. Затоа им благодарам на сите колеги што несебично учествуваат во овој заеднички процес.

На неодамнешниот „Божиќен концерт“ во Македонскиот народен театар, во придружба на Македонската филхармонија, „Пиколо“ маестрално ја испеа прекрасната „Аве Марија“. Оваа изведба публиката ја однесе во некои духовни убавини. Како го доживеаја тоа децата од хорчето?

- Никој не може да остане рамнодушен на една молитва, чиста и искрена мисла упатена кон возвишеното, која, пак, совршено се вклопува во детскиот искрен и чист лик. Драго ми е ако за публиката тоа беше краткотраен водич кон духовните убавини, впрочем тоа е и целта. Ние со децата и со родителите постојано и постојано, на секоја проба, го доживуваме истото. Сега можете да замислите каква е таа бенефиција. Несебичната љубов и енергија што им ги пружам секако дека од децата создаваат особени личности, со изграден култ кон уметноста, полни со креација, емоција, фантазија, интелигенција...

Хорот „Пиколо“ го слушнавме и во операта „Ноќниот жерав“, чија премиера се одржа кон крајот на минатата година, како дел од македонско-јапонската соработка. Дали за сите вас ова беше необично, но вредно искуство?

- Да, оваа година беше 20 години од културната соработка меѓу Македонија и Јапонија. Одбележувањето на оваа годишнина се одвиваше преку размена на културни дејци од областа на музичката уметност, односно наши музичари беа гости во Токио, каде што и настапија со нивниот оркестар, додека, пак, овде, на наш простор, во рамките на МОБ, беше поставена нивната национална опера „Ноќниот жерав“, од композиторот Икума Дан, со премиера во Скопје (12 декември) и во Битола. Операта „Ноќен жерав“ е пишувана врз основа на јапонска бајка, а протагонисти беа четворица солисти од Јапонија, 12 деца од детскиот хор „Пиколо“, оркестарот на Македонската опера и балет, со кој диригираше јапонскиот диригент Мазахико Окочи. Режијата беше изведена исто така од јапонскиот уметник Кацухиро Котецу. Сѐ помина во најдобар ред, ние имавме ново искуство, обичаи, јазик, иако со „Пиколо“ во два наврати сме изведувале јапонски песни“, а гостите си заминаа задоволни од соработката. Тие со децата имаа прекрасен однос, истовремено им се поклонуваа на професионалноста. Јас сум исто така презадоволна од она што го покажаа моите мали-големи професионалци.

Какви се вашите планови за годината што е пред нас?

- Како професорка по солфеж, ќе продолжам да давам максимум од себе, сѐ во интерес на нови добри генерации, но секако тоа зависи и од потенцијалот на учениците што се определиле за оваа професија. Во план е еден заеднички концерт на сите три ансамбли во центарот, кој се надевам ќе го реализираме во вториов дел од учебнава година. Има и други планови, но за тоа потоа.

Освен со музика, ќе продолжите ли децата да го учите и на хуманост, на тоа како да бидат добри луѓе?

- Децата што се занимаваат со музика никогаш не можат да бидат ниту агресивни ниту нечовечни. Еве и еден апел кон младите родители да ги запишуваат своите деца на музика, доколку поседуваат афинитет.

Што ве прави среќна?

- Јас сум среќна кога се среќни другите, кога има мир, хармонија и љубов меѓу луѓето.

„Пиколо“ расадник на вљубеници во сериозната музика

За хорчето „Пиколо“ веќе се прават и научни анализи. Еве една од нив:
 Хорот „Пиколо“, својата работа ја засновува со деца од нижиот оддел во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, во Скопје, на возраст од 6 до 13 години... Сето ова укажува на долготраен процес што се вика образование и води кон долготраен развоен процес што го нарекуваме професионална определба. Оваа определба понатаму води кон професионален развој, кој впрочем трае до крајот на животот. Професионалноста на диригентката Весна Димчевска и професионалноста со која се води хорот од сите аспекти резултираат со следново: од членовите на хорот „Пиколо“, во текот на неговото повеќе годишно постоење, голем број ученици се определиле за музиката како нивна професија. Многу од нив се занимаваат со сериозната музика, но некои од нив се активни чинители на музичката естрада кај нас. Оние, пак, што не се занимаваат професионално со музика се личности со стекната музичка култура и се редовни поддржувачи на музичката уметност и постојана публика на концертите на сериозна музика…

Од научниот труд „Хорот ’Пиколо’ - дел од музичкото образование кај учениците“ на м-р Мирјана Павловска Шулајковска

 

 

Текстот е преземен од novamakedonija.com.mk

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: