Некогаш неотсвирливи дела, денес се свират со леснотиjа

Ангелина Димоска

Композиторите постојано ги тестираат границите на музичарите - и тие речиси секогаш одговараат на предизвиците. Она што некогаш се сметало за неизводливо и неотсвирливо во минатото, станувало стандардно и лесно совладливо во иднината. Познато е дека големата уметност бара и големо страдање. Изведувачите на класична музика постојано се соочуваат со технички предизвици исцртани од композиторите.

МУЗИЧКИ ДЕЛА ШТО ГИ ПОМЕСТУВААТ ГРАНИЦИТЕ НА ИЗВЕДБА

Во класичната музичка литература постојат многу дела што кога биле создадени ги тестирале границите на изведувачките перформанси. Постојат многу дела што кога биле напишани се сметале за неотсвирливи - како виолинскиот концерт на Чајковски, Третиот концерт за пијано на Рахманинов, „Трансцеденталните етиди“ на Лист. Денес овие дела се составен дел од репертоарот на сите врвни изведувачи што концертираат на светските сцени.

Музичарите денес се феноменално брзи и од нив се очекуваат неверојатни нешта. Факт е дека во историјата на музиката има дела што непотребно биле технички искомплицирани од композиторите, но и такви што со својата комплексност позитивно влијаеле врз развојот на изведувачката уметност.

Најважно, како што истакнуваат и изведувачите, е делото да не инсистира на сува техника, туку во него да има и музички предизвик. Тие дела носат исчекор во поместувањето на изведувачките капацитети на музичарите, а наедно ја поттикнуваат и нивната репродуктивна креативност.

Најважен е индивидуалниот приод кон делото

- Техниката е еднакво пропорционална со музичката идеја, мисла и суштина. Техниката на свирење на еден инструмент, во мојот случај - клавирот, има два паралелни процеса на развој. Едниот е основниот, кој дава базична подготовка, во смисла на позиционирање кон инструментот, а вториот е многу покомплексен, тој не е условен само од психомоторниот апарат на инструменталистот туку и од неговиот севкупен интелектуален развој - вели пијанистот Петар Макариевски.

Техниката на свирење исто така може да се разгледува и од аспект на развој на инструментариумот, смета тој.

- Во изведбата на старата музика, ренесанса и барок, техниката на изведба е сосема различна од изведбата на модерната музика од романтизмот наваму. Механичкиот потенцијал на модерниот клавир дозволувал многу поширока палета на можности од чембалото и, нормално, со тоа самата музичка мисла почнала да се развива во друга насока. Но доколку зборуваме за т.н. „сува техника“, т.е. техничка подготовка низ историјата на пијанизмот, можеме да најдеме голем опус на технички вежби, наречени етиди, кои имале за цел да ја развијат единствено моториката, со тоа што секоја етида користела изолиран технички проблем, кој со одреден број повторувања станува совладлив. Е, сега, етидите на Шопен, Лист, Лигети во својата суштина претставуваат пиеси во кои идејата на композиторите била да создаде една целина, целина во која техничкиот и музичкиот концепт стануваат едно - вели Макариевски.

Според него, паралелниот процес на создавање и совладување на техничките проблеми со музичките отвора едно многу суштинско прашање - дали проблемот со кој се соочуваат изведувачите е технички или музички.

- Кога изведувачот ќе си одговори на ова прашање, тогаш полесно ќе „влезе“ во изведбата на едно дело - вели тој.

Пијанистката Весна Ангелова-Христов вели дека секогаш кога го избира својот репертоар им дава предност на авторите што ја отсликуваат нејзината уметничка природа.

- Важно ми е да изберам дела во кои можам да се пронајдам како пијанистка. На почетокот тоа беа раните дела на Бетовен и на Шопен, тие беа постојана инспирација за мене, а подоцна, како што се развиваше мојата техничка подготвеност, почнав да ги изведувам и комплексните дела на Лист, Прокофјев и на Рахманинов - вели Ангелова-Христов.

Денешниот пијанизам, според неа, од технички аспект е доведен до совршенство.

- Како резултат на тоа, многу пијанистички школи се сублимираа во една. Денес има одлично технички подготвени пијанисти уште од најрана возраст. Затоа и многу од делата што порано се сметале за неотсвирливи, денес се изведуваат со голема леснотија. Мислам дека приодот кон самото дело е најважен. Дека најважно е да се пронајде музичката поента што ја носи едно дело, за изведбата да не се сведе на празен виртуозитет и акробација. Инаку, за мојот личен пијанистички растеж и поместување на границата на моите интерпретаторски вештини најмногу придонесе работата врз Третиот клавирски концерт од Прокофјев и Третата соната на Шопен - вели Ангелова-Христов.

Делата на Чајковски, Рахманинов и на Лист се сметале за неотсвирливи

Композиторите постојано ги тестираат границите на музичарите - и тие речиси секогаш одговараат на предизвиците. Она што некогаш се сметало за неизводливо и неостварливо во минатото, станувало стандардно и лесно совладливо во иднината. Познато е дека големата уметност бара и големо страдање. Изведувачите на класична музика постојано се соочуваат со технички предизвици исцртани од композиторите.

Во 1878 година, Петар И. Чајковски го напишал Виолинскиот концерт во Де-дур, кој му го посветил на виолинистот Леополд Ауер. Дворскиот виолинист Ауер не можел технички да го совлада концертот, а тоа му успеало, три години подоцна, на Адолф Бродски, кој премиерно го извел во 1881 година. Денес овој концерт од Чајковски, кој сѐ уште важи како еден од технички најизискувачките дела во виолинскиот репертоар, е омилен меѓу изведувачите и еден од најизведуваните на концертните подиуми. Ниту еден сериозен професионален виолинист не смее да си дозволи да го нема на својот репертоар.

Слични приказни за несовладливоста на музички дела се врзани и за „Трансцеденталните етиди“ на Лист, во кои има џиновски скокови, како и епскиот Трет концерт за пијано на Рахманинов. И овие дела денес се составен дел од репертоарот на пијанистите и се изведуваат на концертните подиуми.

Поради комплексноста и техничкиот предизвик, кога композиторот и пијанист Александар Скрјабин го подготвувал делото на рускиот композитор Мили Балакирев си ја повредил раката од френетичното вежбање. На почетокот од 20 век композиторот Морис Равел отишол и чекор понапред од Балакирев, кога ја напишал суитата „Гаспар во ноќта“. Му се доверил на еден пријател дека ултимативна цел кога го создавал делото му била да биде технички несовладливо. И навистина, ова комплексно дело било практично несовладливо за пијанистите. Но и ова дело, кое критичарите го опишуваат како вистински триатлон за пијанистите, денес се изведува од професионалните пијанисти.

 

 

Текстот е преземен од www.novamakedonija.com.mk

 

  

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: