Особеностите нa народните музички инструменти во делото трета симфонија "Рустика" оп. 58, за симфониски оркестар на композиторот Властимир николовски

 

м-р Гоце Гавриловски

/images/st_magazine/esei/gocegav.jpgВо текстот што следи темелно и доследно ќе се дефинираат: присутноста, улогата и употребата на оркестарската група - народни музички инструменти, дадени во Третата симфонија „Рустика„ оп. 58 на композиторот В. Николовски, како и нивните својства и карактеристики. Делото било создадено во 1975 год.

Најпрвин да извршиме општа поделба и толкување на одредени термини. Во почетокот би посочил дека народните музички инструменти во Р. Македонија, (според “Macedoniadirect- Traditional Instruments of Macedonia“) можат да се класифицираат врз две главни групи. На првата група традиционални музички инстументи & припаѓаат: гајдата, кавалот, шупелката, дудукот, зурлата, двојанката, разни подвидови на тамбура и тапанот. Традиционалните инструменти се употребуваат во различни комбинации. Со разни отстапки и варијанти, во групата на ориенталните музички инструменти спаѓаат: гарнетата (кларинет), ќемането (виолина), утот, лаутата, канонот, дајрето и тарабуката. Ориенталните инструментални ансамбли се нарекуваат „чалгии“. Чалгија означува ансамбл, кој вклучува инструменти од тогашната персиско – арабиска област. Чалгијата исполнувалa староградска музика која имала долга традиција низ градовите, а донесува силно ориентално влијание кое се развива со специфичен тонален дијалект и експресија.

Поимот „рустика“ во делото е најмногу впечатлив при рустикалното исполнување на инструментите, посебно во нив-ните соло - делници. Рустикалното пеење претставува фолклорно пеење - што е наша национална основа, а во делото е појавено преку употреба на инструментација на вокалот - оркестрација на човечко пеење на сцена преку разни музички инструменти.

Според авторот Т. Манчев, во текстот „Влијанието на македонското народно творештво врз инструменталната продуктивна музичка мисла“, за потребите на МАНУ, во: „Народното творештво на почвата на Македонија“, се вели: „Во музичкиот творечки процес традицијата се рефлектира на неколку начини:

-интуитивно пробивање на фолклорот и народните музички инструменти во уметничкото музичко творештво;

-конкретно - директна употреба на цитати или целосни фолклорни мелодии, ритмичко - хармонски структури, или пак употреба на оригинални народни музички инструменти;

-индиректен - флуиден начин за употреба на идиоми или сегменти од фолклорот, или имитација на народни инструменти со посредство на класичниот симфониски состав“.

Интенцијата на авторот во ова дело била што подлабоко да се навлезе во корените на фолклорот, а тој го претставува тоа преку карактеристичната фолклорна употреба на: мелодијата, ритамот, хармонијата и инструментариумот.

Авторот во голема мера се залагал преку разни институции (УНЕСКО), за негување и зачувување на нашата традиција преку употреба на народните инструменти. Оваа негова идеја и денес продолжува и се остварува преку отворање отсек по народни инструменти, на Катедрите на ФМУ во Скопје и Штип, од каде што секоја година произлегуваат многубројни и значајни млади уметници, кои доста сериозно ја владеат исполнителната техника на народните музички инструменти.

Кога ќе се повлече паралела меѓу времето кога е создадено ова дело и денес, во однос на изработката на народните музички инструменти, можеме да заклучиме таа денес е пософистицирана и попрецизна, така што се проширува опсегот и се создаваат услови за изведба на ова дело со народни инструменти.

Народните музички инструменти ќе ги разгледаме и ќе ги дефинираме редоследно како што се дадени во партитурата на делото:

-Кавал, флејта од Македонија, во композицијата се јавува на стр. 102-103 од партитурата на делото. Се одликува со мелодиска функција. Даден е во средниот -висок регистар, заедно со кларинетот, кој од претходно е појавен во подлабок регистар. Како придружни инструменти со хармонска функција на ова место се јавуваат трубите со сордина, со препознатлив „лонтано звук – повик од далечина“, како и кампанелите, кои се одликуваат со нежен, кршлив тембр, и там -тамот во пијанисимо динамика. Подоцна се приклучува алт-флејтата, која имитира и претставува стилизиција на втор, придружен кавал, во подлабок регистар, во комбинација со бонгоси и виолини, кои свират во висок регистар со пијано динамика, и опишуваат „вресок“ кој доаѓа од далеку. При крајот од мелодиската делница се приклучува и тапанот.

/images/st_magazine/esei/pr1.JPG

Двете зурли во композицијата се појавени во почетокот на делото на стр. 3-6. Карактеристично е тоа што авторот на овие инструменти им доверил мелодиска функција дадена во полифон слог, во вид на хетерофонија, а на места и со бордунски, педален настап. Хетерофонијата и бордунот се најкарактеристични музички изразни средства кои се јавуваат во македонскиот музички фолклор. Зурлите се наоѓаат во својот среден - низок регистар, кои во комбинација со тапанот образуваат комплементарен ритам. Во следниот такт се приклучуваат и кларинетите во низок регистар, со што на најдобар начин го потврдуваат тој „зурлашки призвук“. Хорните и трубите во 6т. Се карактеризираат со хармонска функција, во пијано динамика, дадени со мотив на лонтано звук, од далечина.

/images/st_magazine/esei/pr2.JPG

Според проф. Т. Манчев, во цитат даден во книгата „Движењето суштински елемент кај симфониското творештво“, се вели: „Во современата модерна оркестрација се прават обиди за доближување до фолклорната традиција. Редица композитори употребуваат оригинални народни инструменти во симфонискиот оркестар. Други, пак, со помош на имитација од постојниот оркестрациски инструментариум, добиваат звук на народни инструменти. В. Николовски во Третата симфонија во почетокот со помош на обои и кларинети во длабокиот регистар добива звук на зурла“.

/images/st_magazine/esei/pr3.JPG

На стр. 5 од партитурата се јавуваат флејти во висок регистар и со фортисимо динамика, заедно со кларинети, кои опишуваат силен рустикален „вресок“, а гудачите во фортисимо динамика се одликуваат со улога на „импулси“. Пред крајот на појавата на зурлите, на стр. 6 од партитурата, се јавуваат хорни и труби, кои се карактеризираат со рустикален тематски мотив во форте динамика, а тоа е разработка на почетниот тематски материјал даден во зурлите, во аугментација и понатамошна разработка со истиот почетен тематски материјал.

/images/st_magazine/esei/pr4.JPG

На стр. 99-101 од паритурата на делото зурлите се карактеризираат со мелодиска функција, дадени во среден - висок регистар. Тие се во комбинација со: кларинет, бас кларинет, гајда, фаготи, а сите се одликуваат со мелодиска функција, а заедно образуваат интересен рустикален тембр. Како придружни инструменти со ритмичко - хармонска улога се јавуваат гудачите.

/images/st_magazine/esei/pr5.JPG

-Гајдата во делото е појавена на стр. 99-102. Таа се карактеризира со мелодиска функција, а се протега низ целиот свој амбитус со опсег од: d1-е2, во форте динамика.

/images/st_magazine/esei/pr6.JPG

Непосредно по завршетокот на нејзиниот настап, на стр. 102 од партитурата, гајдата се јавува и на стр.104-110. Се карактеризира со мелодиска функција и појава на интересна глисандо - исполнителска техника. Се комбинира со фаготи, а заедно тие образуваат интересен рустикален призвук. На тоа место дрвените дувачи формираат интересен „зурлашки тембр“, во длабок регистар, додека гудачите се карактеризираат со ритмичко- хармонска улога, која во комбинација со тапан и тимпан формираат комплементарен ритам.

/images/st_magazine/esei/pr7.JPG

При крајот од појавата на гајдата, на стр.109, преку ачелерандо, флејтите и пиколото се дадени во висок регистар, додека кларинетите и обоите настапуваат со тремоло- артикулациска техника.

/images/st_magazine/esei/pr8.JPG

Гајдата се јавува и на стр. 125-128 од партитурата на делото. Нејзината мелодиска функција е комбинирана со фаготи и обои. Хорните се одликуваат со популарните „довикувачки“ тонови, дадени во нагорно- глисандо артикулациска техника, а тимпанот и тапанот се карактеризираат со ритмичка функција, во вид на комплементарно дополнување со гудачите, кои имаат хармонско – ритмичка функција, додека флејтите, кларинетите и ксилофонот се одликуваат со кратки мелодиски пасажи, во фортисимо динамика, кои имаат функција - зголемување на тензијата, дадени како нараснувачки бранови од краток здив, или силен ветер.

/images/st_magazine/esei/pr9.JPG

-Тарабуката во делово се јавува на стр. 12-15 од партитурата на делото. Се карактеризира со ритмичка улога, со цел дополнување и оформување на комплементарниот ритам, во комбинација со тапан и тимпан. Дадена е со артикулациска техника „col mani“- свирење, тропање со раце, а во динамика фортисимо. На ова место гудачите се карактеризираат со ритмичко – хармонска улога, а дрвените дувачи имаат мелодиска улога, додека пак металните дувачи се одликуваат со хармонско-педална функција.

/images/st_magazine/esei/pr10.JPG

- Тапанот во делото е појавен на стр. 3-17, 28-30, 50-53, 78-79, 99-109, 125-131 од партитурата на делото. Се карактеризира со ритмичка улога, која образува комплементарен ритам во сооднос со другите музички инструменти, кои се дадени со ритмичка улога на тие места во делото. Тапанот се одликува со стандардна артикулација и техника, а малата прачка- стапчето, во многубројни случаи исполнува слободно - „ad ibitum“, или на места и со дадена импровизациска ритмичка фигура (алеаторика).

/images/st_magazine/esei/pr11.JPG

Во врска со претходниот пример на стр. 9 од партитурата на делото, проф д-р. Т. Манчев во својата книга „Движењето - суштински елемент кај симфониското творештво“ го има издвоено следново мислење: „Сметаме дека претходниот пример ја претставува алеаториката од еден друг агол. Имено, во Третата симфонија во почетокот од првиот став, тапанот – преку алеаторика ја придружува основната мисла изнесена од обоата и кларинетот (со цел да се имитира зурлата). Композиторот на овој начин убедливо го потенцира движењето – динамизмот, од почетокот до крајот на делото. Значајно за ова дело е продолженото дејство создадено од динамизмот пренесен од авторот преку исполнителскиот апарат врз публиката. Кај авторите од втората половина на XX век се сретнува и друг вид движење добиено со ритмичка разновидност-комплементарност меѓу делниците во партитурата за сметка на мелодијата... Меѓу другото да напомнеме дека фолклорната традиција располага со безброј примери во кои мелодијата се движи во потесни рамки“.

Заклучок за примената на оркестарската група народни музички инструменти, во третата симфонија „Рустика“- оп. 58, од композиторот Властимир Николовски.

1. При оформувањето на оваа оркестарска група, авторот ги застапил следниве видови инструменти: гајда, 1,2-зурла, кавал, тарабука, тапан.

2. При настапот на инструментите од оркестарската група народни музички инструменти, нивната улога ги опфаќа основните функции кои го оформуваат ткивото на едно музичко дело: мелодиска и ритмичка функција.

3. Кога оваа група ќе се компарира со сите други оркестарски групи, може да се забележи дека народните инструменти се присутни во партитурата преку најразлични фактурни модификации на тематските материјали во рамките на самата група, или во рамките на пододделни групации, како и тоа дека оваа група располага со висок степен на индивидуализација со, доколку е потребно, сложени репродуктивно- технички барања.

4. Улогата која овие инструменти ја понесуваат во ова симфониско дело е исклучително голема.

5. Третманот на овие инструменти во ова дело на авторот В. Николовски најчесто е солистички, при што се зголемува оркестарскиот звукоред - доколку се опфатени сите инструменти како што се запишани во изворна верзија од страна на авторот, иако низ разни места од делово постои модификација на пристапот кон овие инструменти: (кавал= флејта, зурла= обоа, гајда= фагот).

6. Особено се издвојуваат инструментите кои се застапени со силна индивидуализација на секој извршител од оваа група пооддлено, издвојувајќи ги со сосема различни тематски, различни фактурно поставени материјали, како и соло- настапи на музичките материјали, кои се различно озвучени.

7. Всушност, пораката на авторот е дека тој реален „зурлашко- тапанов“ звук сака изворно да ни го пласира, преку најразлични оркестарски комбинации - варијанти, во различни оркестарски групи, преку доста успешни оркестарски решенија и со оригинални, автентични, изворни народни инструменти

8. Во ова дело карактеристична е хетерофоната и бордунска обработка на мелодиската линија кај кавалот и гајдата - во однос на инструментите од другите оркестарски групи (на пр. дрвените дувачки музички инструменти), а најтипично кај двете зурли меѓусебно, со што авторот сака да го потцрта најкарактеристичното хетерофоно и бордунско пеење, кои претставуваат основни белези, и главно најзастапени и најпрепознатливи одлики во македонскиот народен фолклор (оригинално изворно пеење).

9. Треба да се потенцира дека значењето кое оваа оркестарска група ја има за композиторот и неговото творештво е многу големо, бидејќи народните инструменти претставуваат најкарактеристичен, најзначаен и најпрепознатлив белег, како и потпора на драматуршкото дејствие во ова дело.

Може да се заклучи дека авторот употребува голем симфониски состав, инструментариумот е доста разработен, а инструментите се употребени со најразлични функции: мелодиска, хармонска, педална, ритмичка, како и нивна комбинација.

Во Третата симфонија „Рустика“, оп. 58 на композиторот В. Николовски може да се дефинираат следниве елементи како есенцијални за делово. Тоа се елементи со кои авторот сакал и постигнал оркестрација на најзначајните, најпрепознатливи и најкарактеристични елементи кои се составен дел од нашиот македонски фолклор:

1.      Оркестрација на фолклорното пеење, појавена преку:

- лонтано - фолософки звук (од далечина - минато);

- извик нагоре - елемент појавен во македонското фолклорно пеење („рикачки“ тонови - во вид на нагорно глисандо);

- хетерофонија - еден од најкарактеристичните елементи со кои се одликува нашето македонско фолклорно пеење;

- бордун - остинантен педал, карактеристичен составен елемент од македонското фолклорно свирење и пеење;

2. Употреба на автентични изворни музички народни инструменти.

3. Оркестрација на фолклорните елементи со употреба на веќе дадениот инструментариум во оркестарот преку:

- удари на тапан - оркестриран во гудачкиот корпус, како и употреба на тимпан, тарабука или друг инструментариум;

-„зурлашки“ тон - вид на тембр најчесто појавен во дрвените, а на места и кај металните дувачки инструменти.

Од сите анализи произлегува фактот дека музичките инструменти со посебен акцент врз народните , се многу значајни за композиторот кој ги одбира, организира, и ги конципира многу темелно заради најсоодветно озвучување на драматуршкото дејство во делото. Комплементарноста во прогресијата на носечките мелодиски структури, кои постојано преоѓаат од оркестарот во солистот и обратно, претставува една од својствените карактеристики во оркестрацијата на Николовски - преземање на мелодиската линија. Секој инструмент што е различен од друг, е појавен во симфонискиот оркестар. Преку оваа употреба се постигнува богат колорит.

Во ова дело се добива впечаток дека регистрите како да асоцираат на следнава програмска тематика:

-минато - длабок регистар;

-сегашност - среден регистар;

-иднина - висок регистар.

Во своите партитури композиторот В. Николовски се служи со фолклорни народни музички инструменти и нови музички изразни средства кај инструментариумот на оркестарот (барем за тоа време на нашите простори). Зурлата, кавалот, гајдата и тапанот остануваат генетски поврзани за традицијата на македонскиот народ. За да се дојде до ваква реализација, личноста треба да поседува висока национална свест, естетски вредности бидејќи и самиот автор влегува во сфера што не е доволно истражена, цврсто стои на овие гледишта и влегува во „авантура“ која има цел - опишување на националниот израз.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

-Абрашев. Божидар. 1992. Симфонична оркестрација. Софија: Музика.

-Babic. Konstantin. 1970. Orkestracija: I- II deo. Beograd: Udruzenje kompozitora Srbije.

-Гавриловски, Гоце. 2007. “Присутноста, улогата и употребата на музичките инструменти во Третата симфонија “Рустика“, оп. 58, на македонскиот композитор Властимир Николовски (магистерски труд). Скопје: ФМУ

-Macedonia-direct- Traditional Instruments of Macedonia

-Манчев, Томе. 2002-03. Историја и теорија на оркестрација. Скопје: ФМУ

-Манчев, Томе. 2001. Движењето суштински елемент кај симфониското творештво. Скопје: СОКОМ

-Манчев. Томе. „Влијанието на македонското народно творештво врз инструменталната продуктивна музичка мисла“- МАНУ: „Народното творештво на почвата на Македонија“. Скопје: МАНУ.

-Николовски. Властимир. 1982/83. Традииција во македонското музичко творештво. Македонска музика, бр.5. Скопје: Струшка музичка есен.

-Николовски. Властимир. „Искажувања за музиката“.

-Obradovic. Aleksandar. 1978. Uvod u orkestraciju. Beograd: Univerzitet umetnosti u Beogradu.

-Џимревски. Боривоје. 1996. Гајдата во Македонија. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“.

 


Препорачуваме...

Концерти

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: